Македонските граѓани трети по сиромаштија во Европа

 

Куповната моќ на македонскиот граѓанин е за 57 проценти помала од куповната моќ на европејците, односно просечниот Македонец троши само 43 проценти од  она што во просек го трошат жителите на Европската Унија.

 

Според податоците на „Евростат“ Германците трошат 25 проценти повеќе од потрошувачката на просечните жители на ЕУ, или нивната куповна моќ е 123 отсто од европскиот просек. Ако се споредиме со нив, тогаш ние сме речиси три пати посиромашни од едни од најбогатите жители на Европа.

 

Побогати од нас се и Романците, чија потрошувачка во просек е речиси два пати поголема од нашата, но е под просекот на ЕУ и изнесува 79 проценти од неа.

 

Во Словенија личната потрошувачка е 81 отсто од просечната во Европа, а во Хрватска само 66 отсто. Грците имаат куповна моќ од 77 отсто од европскиот просек , а Бугарите 59 отсто.

 

Во Европската Унија, според нивото на личната потрошувачка, најсиромашни се Хрватска и Бугарија, но и тие се далеку пред нас.

 

Србите, пак, за малку ни бегаат со потрошувачка од 49 отсто од европскиот просек. Заедно со нас последните три места ги заокружуваат Албанија и Босна и Херцеговина со 40, односно 42 отсто од европската куповна моќ.

 

Најбогати во Европа се жителите на Луксембург со 135 отсто, а потоа следуваат Германија, Австрија, Данска, Белгија, Холандија, Финска и Шведска со потрошувачка од 10 до 20 проценти над просекот на Европа.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.