ВИДЕО – Лашкоска: Изминативе 3 години се најцрниот период во поновата историја на Македонија, распродавање на државните интереси, рекет и корупција

Денес, во Прилеп, пред споменикот на првиот Претседател на Македонија, Методија Андонов – Ченто, кој својот живот го посвети на формирање на самостојна држава – Република Македонија, започнуваме со промовирање на програмата со која ја бараме довербата на граѓаните, давајќи завет за Обнова на Македонија. Истакна на денешната прес конференција Ане Лашкоска, кандидат за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4.

 

 

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

 

„Изминатите 3 години ќе бидат запаметени како најцрниот период во поновата историја на Македонија. После 3 години распродавање на државните и националните интереси,  неработење, немаат реализирано ниту еден проект од програмата која ја понудија во 2016та, корупција и рекет, граѓаните ќе имаат единствена шанса да му кажат “НЕ” на Зоран Заев и да се изборат за враќање на државата во нивни раце.

 

Различни сме!

 

Ние тоа што го ветуваме и го исполнуваме!

 

Во програмата “Обнова на Македонија”, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на 1.000 проекти кои се во интерес на нашата држава и сите граѓани на Р. Македонија. Проекти кои значат надеж дека може поинаку, дека може многу подобро.

 

Ветуваме и се обврзуваме на изградба  на автопат од Велес преку Бабуна, Прилеп и Битола до границата со Грција.  

 

Европската иднина на Македонија е наш стратешки приоритет и во таа насока е потребно зголемување на животниот стандард на граѓаните.

 

Затоа предвидуваме континуирано зголемување на платите до 25% во еден мандат.  Ова ќе значи целосно почитување на достоинството на работниците и вреднување на нивниот труд.

 

Предвидуваме раст на пензиите до 20%, или по 3.000 денари повеќе за секој пензионер. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати претходниот начин на усогласување на пензиите и истите ќе растат и според растот на трошоците за живот, и според растот на платите.

 

Република Македонија ќе биде држава со најниски даноци во Европа. Го враќаме рамниот данок со стапка од 8% и предвидуваме ослободување на младите до 29 години од данок на личен доход.

 

Понатаму, се обврзуваме на намалување на невработеноста  и  враќање на Република Македонија во листата на топ 10 земји атрактивни за инвестирање. Ќе овозможиме раст на Бруто домашниот производ од најмалку 4 до 5 % годишно и ќе обезбедиме домашни и странски инвестиции во вредност од 4 милијарди евра во период од 4 години.

 

 

 Ветуваме реализација од 90% на капиталните инвестиции. Повеќе пари за бизнисот, а помалку давачки и бирократија. Гарантираме 20% повисоки плати за сите во здравството.

 

 

Поголеми плати за 2,5 пати за професорите во основните и средните училишта. Зголемување на платите на професорите, доцентите и асистентите во високо образовните институции.

 

 

Во програмата “Обнова на Македонија” има проекти без исклучок за сите општини во државата. Кога  Прилеп е во прашање, би ги споменала изградбата на нов театар, а покрај изградбата на автопатот, ќе се заврши и изградбата на експресниот пат Прилеп-Градско.

 

 

На граѓаните им е доста од лажни ветувања и политичари кои ветуваат “нов живот”, а кога им се дава шанса да сработат нешто мислат само на своите џебови. Ова се само мал дел од проектите кои ќе ја исправат државата и ќе донесат повеќе и подбро за сите граѓани без исклучок.

 

 

Затоа изборот на 15-ти јули е јасен! Обнова, работа, повеќе и подобро за сите граѓани, или продолжување на рекетот, агонијата и разнебитувањето на државата со Зоран Заев и СДСМ.

 

 

Во овој момент единствената шанса за спас на Македонија е единствено ВМРО – ДПМНЕ!

 

 

Ве повикувам, на 15-ти јули да се избориме за Обнова на татковината и да дадете поддршка на програма, визија, напредок и подобро утре, заокружувајќи го бројот 14 на гласачкото ливче“, рече Лашкоска.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.