Од утре кафулињата ќе работат и во внатрешниот дел – сепак се уште нема забави

 

Од утре угостителските објекти ќе можат да служат гости и во внатрешниот дел од објектите. Протоколите кои беа донесени за работењето на терасите ќе важат и затворениот дел од локалите.

 

Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат  хигиена на раце.

 

Се ограничува и бројот на гости, односно ќе се  послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

 

Останува иста и неопходата раздалеченост, односно, во просторот за послужување на гости, каде има поставено маси, треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5 до два метри со соседните маси во сите правци. На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри.

 

Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена. Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција.

 

Како што вели протоколот, забрането е организирање на прослави, односно веселби, родендени и слично, и во отворениот и во затворениот дел од објектот. Забрането ќе биде и организирање на музички настани и внатре, и надвор во рамките на објектот.

 

Од саботата изминатиов викенд, локалите смеат да работат и после 22 часот, откако владината одлука за тоа излезе и во Службен весник. Односно, во петок и во сабота нив им е дозволено да бидат отворени до 01 часот после полноќ, а во работните денови до 24 часот. Работењето на ноќните барови се уште не е дозволено.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи