OK „Златоврв“ – Прилеп преку европроект ја доближува ориентацијата до учениците

Прилеп и Скопје ќе бидат двата градa каде што ќе се реализира европскиот проект Компас. Проектот е според програма на Еразмус+ за спорт на Европската комисија со времетраење од две години. Координатор е Бугарската ориентациона федерација, додека партнери се: Одделот за спортска наука и Универзитетот за спорт при Универзитетот во Виена од Австрија, Фондацијата „Ести Тервисерајад“ од Естонија, Ориентациониот клуб „Златоврв“ од Македонија и Романската ориентациона федерација.

 

Ориентацијата е спорт каде што со помош на компас и детално исцртана топографска мапа од урбана средина или предел во природа треба да се помине зададената патека за најбрзо можно време. Спортот како основа ја има атлетиката комбинирана со менталната агилност на секој поединец.

 

Главните цели се да се интегрира ориентацијата во образовниот систем и социјалниот живот на граѓаните, како и да се обезбеди двојна кариера за елитните натпреварувачи. Во реализацијата на проектот ќе учествуваат 600 ученици (120 од секоја земја) на возраст од 15 до 20 години, 120 елитни натпреварувачи, 30 европски спортски клубови за ориентација и 10 средни училишта (две од секоја земја) со 10 наставници (двајца од секоја земја).

 

Се предвидува изработка на креативен образовен модел во склоп на училишната програма, кој ќе се практикува во наставата и/или во дополнителната настава на часовите по спорт, географија и биологија. Компас ќе обезбеди модерна дополнителна настава за учениците, истовремено учејќи ги на нови вештини и почитување на природата со помош на технологијата т.е. со мобилна апликација.  Придобивките се од едукативен, социјален и здравствен карактер.

 

ОК „Златоврв“ од Прилеп има долга историја на работа во областа на ориентацијата. Членовите на клубот постигнуваат врвни резултати на натпреварите во ориентација, планинско трчање и атлетика.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.