ВИДЕО – Гинеколошко – Прилеп ќе работи само за породување и итни случаи, од болницата велат нема опасност за пациентите да заболат од корона

Гинеколошко акушерското одделение во Прилеп нема да се затвори и покрај тоа што 7 лица од овој оддел, 4 болничарки и 3 медицински сестри, се заболени од Ковид 19. Вработените се заразиле од една од болничарките која на почетокот имала симптоми на блага настинка и не се сомневала дека тоа е корона вирус. Директорот Драган Богоески вели дека се тестирале сите здравствени работници на гинекологија, а во моментов 9 од нив биле во изолација поради можноста од нивно зразување, бидејќи тие биле во поблизок однос со сега заболените. Одделението сега работи само за породување и итни случаи.

 

 

„Во моментов персоналот кој е присутен работи со пациентите обезбеден со сите заштитни средства, маски, нараквици, визири при контактот и работа со пациентите. Со тоа сакам да напоменам дека можноста и ризикот за да се заболи или зарази некој од пациентите кои идат на преглед во гинеколошко одделение, како и пациентите кои лежат на гинеколошко одделение е сведен на минимум“, рече Драган Богоески, директор на Општа болница Прилеп.

 

Според директорот Богоевскии засега немало да се прави скрининг на сите вработени во болницата, ниту пак ќе се тестирале пациентите кои лежат на гинекологија затоа што според направените анализи, немало опасност тие да заболат од Ковид 19.

 

„Према препораките и испитувањата на епидемиолозите ниту еден пациент не бил во ризик да добие инфекција, затоа што персоналот работи со сите пациенти заштитен со соодветна заштитна опрема. Изанализирана е цела поврзаност на самите заболени што се во гинеколошко, дека немало контакти со останатите здравствени работници од болницата“, додаде Богоевски.

 

Од Центарот за јавно здравје – Прилеп велат дека вработените кои имале контакт од среден и висок ризик со потврдените случаи, ставени се во самоизолација во рок од 14 дена. Во текот на денешниот ден нивнии екипи ќе извршеле и дезинфекција на сите простории во Гинеколошко-акушерското одделение.

 

Инаку денеска во Прилеп има 4 нови случаи на Ковид 19, а на Инфективното одделение во прилепската болница почина и еден 82 годишен пациент.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.