Ако има потреба повторно ќе бидат воведени рестриктивни мерки

 

 

 

Ако има потреба ќе бидат препорачани и воведени рестриктивни мерки, беше ставот на техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче.

 

Техничкиот премиер, рече дека рестрикциите никој не ги посакува.

 

„Кога бевме во време на рестрикции сите едвај очекувавме да се ослободиме од тие рестрикции. Знам дека кога ќе дојде момент да немаме рестрикции ни се зголемуваат случаите, сега бараме сите дајте да ги вратиме рестрикциите. Мислам дека треба да се насочиме таргетирано на соодветни групи, на одредени подрачја итн., меѓутоа клучната работа е и затоа уште еднаш апелирам до граѓаните – мерките мора да ги почитуваме и да не го потценуваме вирусот затоа што еден дел од граѓаните мислам дека го потценуваат вирусот, со тоа што или сметаат дека е многу лесно заболување или, пак, дека воопшто не постои. Тоа е една пропаганда која што ја шират луѓето, меѓутоа мислам дека се она што ни се случуваше, се она што ни се случува доволно е како аргументација да се однесуваме навистина одговорно и сериозно и кон себе и кон сите“, потенцираше Спасовски.

 

Одоговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали е можно затворање на северната граница со оглед на состојбата со коронавирусот, Спасовски истакна дека ако има каква било потреба или оправданост која што ќе произлезе од Комисијата за заразни болести секако дека ќе носиме одлуки затоа што наш голем приоритет е ние да се заштитиме, да ја заштитиме државата и да го заштитиме здравјето на граѓаните.

 

Министерот Филипче, пак, истакна дека досега не е разговарано за евентуално затворање на границите и за големиот проток на луѓе од Србија и Косово.

 

„Ако во кој било момент одлучиме дека е потребна некаква рестриктивна мерка, дали е тоа премин преку граница или рестрикција во движење во кој било дел од земјата, тоа ќе го препорачаме“, изјави Филипче.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.