ВИДЕ0 – Започна Уметничкото лето на ЦСЛУ Прилеп под мотото „Physical distance“ или физичка дистанца

Во Прилеп започна Уметничкото лето на Центарот за современа ликовна уметност од овој град, кое заради корона вирусот, годинава се одржува под мотото „Physical distance“ или физичка дистанца. ОД ЦСЛУ Прилеп велат дека за нив социјалната дистанца е неприфатлива, но физичката ќе ја испочитувале за доброто на сите и ќе се воделе по новите правила за сигурен тек на животот. 15-тината уметници кои се од од овој настан ќе творат во наредните 2 месеци, дел од нив дома, дел во просториите  на Центарот, но оддалечени едни од други. Центарот за современа ликовна уметност брои 13 работилници, а годинава ќе се творат дела на сликарската колонија, симпозиумот за мермер, студиото за пластика во дрво, во атељето за скулптура во метал и атељето за дигитална уметност. Годинава за жал нема да ги има уметниците од странство.

 

 

„Оваа година ќе имаме некаде околу 15 учесници, претежно ни доаѓаат од Скопје, Куманово, Битола, а останатите уметници се од Прилеп. Сакам да напоменам дека годинава ги избегнавме интернационалните уметници, за жал, поради ковид ситуацијата, но сепак се надеваме дека токму овој избор на учесници ќе ги задоволат потребите на публиката и ќе остават во наследство прекрасни уметнички дела. Дополнително сакам да спомнам дека досега во интернационалните работилници продефилирале околу 700 учесници и оставиле импозантна бројка на дела, од 1.200 до 1.500 уметнички дела“, истакна Горан Ристески, претседател на ЦСЛУ – Прилеп.

 

Инаку Прилеп ја има најстарата Интернационална ликовна колонија на Балканот и Југоисточна Европа формирана во далечната 1957 година. А во 1963 година се формира Интернационалниот симпозиум во мермер кој трае континуирано се до денес и е вистинска реткост буквално во целиот свет, еден симпозиум да трае цели 57 години. Делата на оваа колонија ги има во скоро сите паркови во Прилеп, голем број институции, но и во зградите на министерствата и Владата на Македонија. Овие колонии и симпозиуми привпекуваат уметници од целиот свет.

 

„Значи на оваа колонија сум по 4 пат учесник. Првиот пат бев 95-та година како студент, уште да го учам занаетот вајарски, односно клесарски, каменот како техника, благодарение на професорот Драган Поповски – Дада и благодарение на Диме Јанески. Од тогаш 96-та година повторно бев учесник, учествував со скулптура од оникс, која се нарекува „Божество“ и е во сопственост на ЦСЛУ. 2000-та година последен пат бев во „Металец“ со скулптура од метал, која се наоѓа во фабриката „Металец“, монументална скулптура од над 5 метри, „Пламен“ се вика. И сега повторно, фала Богу после 20 јубилејни години, се враќам пак на истава прилепска колонија, која што за мене е на некој начин една од најдобрите институции, која што ја негува македонската скулптура и македонската уметност воопшто, благодарение на сите еминентни ликови и уметници кои провеале во текот на постоењето на самата институција“, рече Александар Наумоски, скулптор.

 

Дел од уметниците учествуваат за прв пат на колонијата, дел од понеколку пати.

 

„Оваа година сум прв пат учесник на ликовната колонија. Сметам дека оваа година, 2020 посебно е многу плодна за творење за нас како уметници и затоа ми е многу драго што ќе учествувам оваа година. Со оглед на годинашнава ситуација за прв пат ќе биде 60 дена, 2 месеци и ќе имаме можност да твориме и дома и тука, а ако твориме тука дефинитивно на дистанца, како што е насловена и самата тема“, вели Елена Димоска, сликар.

 

„Трет пат учествувам на колонијата. Оваа година, со случајот со пандемијата имаме поразлични мерки за работа, мора да имаме некои дистанци и затоа оваа година колонијата ќе ни трае 2 месеци. Ќе имаме повеќе време да твориме повеќе дела. Творечката инспирација што јас ја имам почнато за моите дела да работам, мислам дека истата ќе продолжам и за спремање за самостојната изложба и истата мислам дека ќе биде и оваа година за колонијава. Тоа се женските актови и претставувањето на женската фигура“, додаде Ферди Булут, сликар.

 

Како и секоја година така и оваа по завршувањето на колонијата се предвидува презентација на изработените дела на изложба. Во зависност од ситуацијата со корона вирусот оваа есен ако дозволат условите изложбата ќе се одржи во Центарот за современа ликовна уметност, доколку и понатаму на сила се одредени рестриктивни мерки изиработените дела би се презентрале он лајн пред публиката.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи