ТКП: Генералниот извршен директор Кире Станкоски никогаш не земал плата од 210.000 денари

Реакција од Генералниот извршен директор на Тутунски комбинат АД Прилеп Кире Станкоски, на дадената изјава од страна на г-нот Александар Николоски, потпретседател на ВМРО ДПМНЕ и носител на Изборна листа во 4-тата изборна единица, искажана во интервјуто во емисијата ,,Само вистина” на Канал 5 телевизија од 30.06.2020 година, а кои се однесуваат на изнесените невистини во однос на личните примања на Кире Станкоски како Генерален извршен директор на ТК АД Прилеп.

 

Реакцијата на Станкоски ја пренесуваме во целост.

 

„Кире Станкоски како генерален извршен директор нема земенo плата од 210.000 денари ниту пак некогаш земал плата во тој износ. Станува збор за доплата на плата во месец јануари 2020 година која е исплатена во месец февруари 2020 година а станува збор за доплата од 2019 година, која доплата не можеше да се исплати во декември 2019 година, од причини што се уште важеше на сила Законот за прогресивен данок, кој што беше укинат во тој момент, но почнуваше со важност во јануари 2020 година.

 

Поради тоа во јануари 2020 година исплатена е доплатата од 2019 година внесени се и сите надоместоци утврдени согласно закон, како и денови од неискористен годишен одмор и затоа таа пресметка за плата за месец јануари е повисока во однос на останатите пресметки, од причина што реалната плата на Генералниот извршен директор изнесуваше нето 85.000,00 денари одредена со одлука од Одбор на директори на ТК АД Прилеп а во декември 2019 година кога беше зголемена платата и на другите вработени во комбинатот, паричниот надоместок беше утврден од страна на Одборот на директори на износ од 102.000,00 денари плус надоместоци утврдени согласно закон. Што значи дека реалната плата е далеку од бројката која ја истакнува Николовски.

 

Исто така, сакаме да потенцираме дека со одлука на Одбор на директори во април месец 2020 година платата на Генералниот извршен директор заедно со останатите членови на одбор на директори како и на раководните лица со кои се има склучено менаџерски договори, им беше одредена плата во износ од 14.500,00 денари а разликата до полниот износ на плата односно паричен надоместок се пренасочија за уплата во солидарниот фонд Ковид 19.

 

Користејќи документ со лични податоци за партиски препукувања Николовски ја покажува својата некултура и креира лажни вести сакајќи да креира непостоечки случај.

 

Личните примања на директорот на Тутунскиот Комбинат се со одлука на Бордот на директори. Износот на примањата треба да соодветствува со реализација на планот за развој на компанијата усвоен од Бордот. Тутунскиот Комбинат минатата година, за првпат по многу децении прокнижи добивка, успеа да го реорганизира производството во ефикасна и профитабилна фабрика. Во исто време, по многу години не се доцни со исплатата на тутунопроизводителите и тие може да си го планираат производството.

 

По објавата на овој демант во истата емисија ,,Само вистина” каде беа изнесени невистинити од страна на Александар Николоски, во рок од три дена барам Александар Николоски јавно да се извини за изречените и изнесени невистини, со кои директно ми се наштетува на  честа и угледот, се наштетува на мојата фамилија како и на угледот на Тутунски комбинат АД Прилеп како компанија која е во стратешки договор со Филип Морис.

 

Во овој временски период од три дена, го повикувам Александар Николоски да се увери во точноста на фактите од документацијата која се однесува на платата на Генералниот извршен директор на ТК АД Прилеп, после што и го повикувам јавно да се извини на овој медиум. Во спротивно ќе поведам постапка за клевета, согласно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, се вели во реакцијата на Тутунски Комбинат Прилеп.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи