Министерот за здравство, Венко Филипче на есен очекува поголем замав на коронавирусот во земјава, за што, како што кажа на денешната прес конференција се вршат консултации и координации со раководителите на медицинските центри во земјава за подготовки на медицинските капацитети за есенскиот период.
„Според сите анализи и предвидувања останува претпоставката дека на есен вирусот побрзо и посилно ќе се шири и нема да може луѓето да бидат надвор, ќе бидат повеќе во затворени простории“, рече Филипче.
Според Филипче вирусот ескалирал во сите земји од опкружувањето главно како последица на попуштање на рестриктивните мерките и непочитување на мерките за лична заштита.
„Светот е далеку од крај на пандемијата. Во регионот на Балканот за 10 дена кризата ескалираше насекаде. Во Србија има над 300 случаи на ден, Бугарија над 150, Босна над 170, Хрватска 86, Црна Гора 57, Албанија 70, Косово 100 на ден. Насекаде има нов бран. Кај нас дојде порано“, рече Филипче.
Можно е да се препорача воведување некои нови мерки на границите, доколку ризикот од влез на граѓаните од околните земји може да го загрози нашиот здравствен систем.