ВИДЕО – Нераскажаната приказна за Прилеп, преку Керамија, подемот во Византија, изградбата на уникатните цркви, па се до Кралот Марко


Населен уште од праисторијата, со постојан континуитет се до денес, Ридот Маркови Кули и неговата околина, претставуваат место кое што со илјадници години наназад ги привлекува луѓето да живеат тука. Географската положба, геоморфолошките содржини, големиот број мистични облици на карпите, биле главните фактори и причини за богата материјална култура која што се создавала тука со векови.

Концептот на истражувањата, со децении наназад, преводен од експерите на Институтот за старо-словенска култура од Прилеп, кој управува со овој простор, бил заснован на врвен научно-истражувачки приод, преку соработка со светски еминентни истражувачки установи од ваков карактер, при што се добиле цврсти и релевантни докази за животот и цивилизациските придобивки на овој простор.

Со досегашните истражувања се констатирани траги од енеолитот па се до денес, но постудиозно може да се зборува за остатоци во периодот на доцната антика и средниот век.

Уште во раната антика на овој простор е извршена фортификација на клучните сегменти од горниот дел на ридот Маркови Кули и овие содржини се поврзуваат со претпоставената населба која се викала Керамија. Особено градежни интервенции има за време на периодот на доцната антика каде на просторот на горното плато на ридот е изведено масивно обѕидување и градење на кули на ѕидините.

„При што е изграден е и систем на влезови кој што овозможува влез на комуникација помеѓу одредени сегменти на одбрамбената структура. Овие остатоци се особено засведочени во период од четвртиот до првите децении на шестиот век, при што следиме садријаски сознанија кои укажуваат дека во овој период веќе фортификацијата го губи своето значење, и елементи кои укажуваат на нејзино користење отсуствуваат. Оваа фортификација, сметам дека е потребно да ја одбележам, ги опфаќа четирите возвишенија од ридот Маркови Кули.Тоа се: Тапанче, Гребник, Чардак и Крупник. При што највисокиот сегмент Чардак, во сите планирања на дефанзивната функција, фортификација, функција на овој простор, зазема особено значајно место како посебен одбранбен пункт“, вели Бранислав Ристески, арехеолог.

Веќе на почетокот на 6 век Керамија го губи своето стратегиско и воено значење, и градот полека започнува да се уништува. После овој период на антиката, доста интересен за науката е периодот од 9 до 12 век, кој што период е еден од главните белези на овој простор кога е откриена и таа симбиоза на словенската и византиската цивилизација и култура.

Токму таа е контрадикцијата меѓу веќе воспоставените типични словенски форми кои што се карактеристични за едни рамничарски слоеви, а овде имаме нивна реинтерпретација на една карпеста подлога. И тоа е таа илустрација на словено-византиската симбиоза, кои што корените, некаде во шестиот и пред шестиот век ги има на подунавјето, додека вистинските заокружувања на тој процес го има во внатрешноста на Балканот, на просторот на Македонија, и токму можеби, или не можеби, туку во голема мера, може да се објасни спецификата на генезата на македонскиот народ врз основа на овие симбиотички процеси кои што се многу поразлични во однос на територијата на исток, на простор на Бугарија или на простор на Србија,на Грција. Покрај таа етногенетска димензија, овде сигурно има една друга димензија за која зборуваме, а тоа е реинтерпретацијата на класичната словенска или словеновизантиска култура врз карпеста подлога“, додава Ристески.

 Токму во тој период од 9 до 12 век на ридот се создава протоурбана населба со систем на микростанбени целини како што е просторот на Под Кули, просторот на Сред Кули, просторот околу црквите Свети Димитрија и Свети Никола и неколку други.

Тие микростанбени целини имале неколку содржини, станбено-складишен простор, производствен сегмент и простор поврзан со некрополата.

И овие форми на реинтерпретација на словенските и словеновизантиските облици на станбената архитектура, токму тоа е уникатноста. Затоа го споменав тоа дека системот на истражување ги овозможува токму овие специфики. Доколку истражувањата не биле конципирани, научно истражувачки спознајни, поголем дел од овие манифестации не би биле аргументирани со податоци од археолошките истражувања“, потенцираше археологот Риистески.

Овој систем на микростанбени целини е поврзан како со внатрешни коминукации, така и со комуникации со целиот околен простор.

„Значи не можеме да зборуваме за населба во урбана смисла, иако се спомнува Прилеп, како град поврзан со времето, со настаните околу Самуил и слично, но во суштина се уште нема елементи на средновековен град со овие параметри, за кои ви зборував, за средишно јадро, оформени содржини“, вели Ристески.

Највисокиот степен на развиток овој простор го има за време на Византија, во последните децении на 13 и првите децении на 14 век се до 1334 година, кога овој простор го освојува српската средновековна држава.

За време на Византија градот имал 2 елементи. Горен град или акропол, каде имаме разновидни содржи. Покрај она фортификациско значење, тука има и цел систем на палати каде живеелe воено-политички великодостојници. А во подножјето, на падините на ридот, се наоѓал долниот град или делот каде живее цивилното население.

На овој простор се развива еден сложен комплекс од објекти поврзани непосредно со воената функцијa. Tука имаме неколку значајни, обемни, просторни, спратни згради за сместување на војската, нормално, сите нивоа на војска, но имаме особено значајни неколку откриени, детерминирани остатоци од пространи објекти, палати, каде што имаме покрај сегмент за сместувањето и јавниот сегмент, имаме со нив поврзани и некрополи за погребување на присутните. Ова јасно укажува за присуството на воени и политички великодостојници на овој простор, засведочени и во пишаните извори, но овде засведочени и со своите материјални остатоци во кои спаѓаат репрезентативни градби кои како илустрација на оваа репрезентативност и фактот што дел од нив се фрескописани, внатрешноста на ѕидовите. Потоа, имаме објекти кои што се декорирани со значителна каменопластика, така што зборува за една фортификациска, но и цивилна содржина на горниот град, и што е во помала или поголема мера компатибилна и компаративна со другите византиски објекти на медитеранскиот простор, особено на централно балканскиот простор“, рече Ристески.

На ридот биле создаде 3 одбрамбени зони на градот, со искслучително огромно обѕидие.

 

„Овие содржини се надополнети со цел систем на веќе познати класични византиски фортификациски елементи.Тука имаме кули, систем на кули, распоредени на најстратегиски најподатливите места кои имаат кружна или веќе правоаголни содржини, системот на главниот влез кој овозможува повеќестрана контрола на движењето на овој простор. Потоа, зоните на последната одбрана, возвишението Чардак кои овозможуваат фрагментарно стратегиско приоѓање во заштитата на овие површини. Всушност, тоа и е засведочено во пишаните документи на знаменитиот византиски великодостојник Георгија Акрополит,кој што при освојувањето на Прилеп многу сликовито го опишува системот на одбрана кој овозможува до последната точка на одбрана да се зачувува значајните фортификациски позиции“, вели Ристески.

 Во тоа време на Византија Прилеп е и еден од најголемите центри на црковна уметност и архитектира во внатрешноста на Балканот заедно со Охрид и Костур на територијата на целата Македонија. Народното преданието вели дека во Прилеп постоеле 77 цркви. Со археолошките истражувања се откриени 10-тина цркви. Местото каде се градени црквите, сегашната населба Варош во Прилеп, или тогаш подградието на средновековен Прилеп претставува трговскиот, економскиот и културниот центар на градот. Тука се одржувал и еден од најголемите панаѓури во тоа време во Македонија.

Најголемата експанзија на црковно градителство и сликарство,создавање на уметност, се случува некаде во втората половина на 13. век кога Прилеп се нашол на самата граница помеѓу Византија и средновековната српска држава. Всушност, тогаш Прилеп станува една од најзначајните бази на Византиската Империја. Византиската воена и цивилна администрација се лоцира во Прилеп во тој период, и тогаш, тоа почнува то т.н. реставрација на Византија, во времето на палеолозите. Всушност, ктиторите на овие црковни градби се претставници на таа византиска аристократија која што доаѓа овде да ја обавува својата функција“, вели Александар Василески, историчар на уметност.

Денес се уште постојат и активни се црквите Свети Димитрија, Свети Никола, Свети Петар и Павле, како и Света Богородица Пречиста. Освен овие цркви постои и активен и е манастирот Свети Архангел Михаил за чие создавање постојат доста интересни историски записи.

Меѓу тие имиња, за среќа кои што се сочувале, како ктитори на овие градби, секако најистакнато е името на големиот хартулариј на западот Јован кој што е ктитор на манастирската црква Св. „Архангел Михаил“. Всушност, тоа е значајно бидејќи, тој бил еден од најмоќните луѓе во своето време во Византија. Поради некоја причина, за нас непозната, одлучил токму тука да ја изгради својата ктиторија, која што воедно требало да послужи како негов мавзолеј, по неговата смрт, да биде закопан во црквата, да биде погребан тука. Црквата е двокатна, горниот дел каде што влегуваме тоа е наосот на црквата. Во долниот дел, има една просторија која што во 19 век се служела како лекувалиште на душевно болни, имала таква функција и всушност, тој дел, во 19 век бил пренаменет и бил отворен влез. Во долниот кат од црквата има откриено фрески кои што прикажуваат светител кој што води личности, од кои што првата е облечена во аристократска облека. Поради тоа се претпоставува дека тоа е всушност портретот на Јован и неговото семејство кои што биле погребани тука. Подоцна црквата претрпела многу оштетувања, паднати биле куполите, горните конструкции и во тие реновирања немаме остатоци конкретно човечки долу, за да можеме да тврдиме дали била обавена таа погребна функција или не била обавена, но во секој случај, тоа што постои тука тој ктиторски портрет, каде што е прикажан Јован заедно со неговото семејство, укажува на тоа дека најверојатно биле погребани тука“, раскажува Василески.

Значајно за манастирската црква е и фрескоживописот, кој е делумно сочуван, и е изработен од една од најпознатите работилници на територијата на Охридската Архиепископија во втората половина на 13 век, а тоа е работилницата од референдарот и ѓакон Јован, кој работи и на фрескоживописот во црквата Свети Никола во село Манастир Мариово. За манастирот Свети Архангел Михаил значајни се нацртаниите портретии на Кралот Марко и татко му Волкашин на влезната врата од црквата.

Науката претпоставува дека тие настанале кратко после Маричката битка. Податок кој што наведува на таквото размислување е белата облека на кралот Марко која што облека во тоа време била облека на жалост, и всушност таа укажува дека тој најверојатно бил во жалост за татко му, Волкашин. А, друг значаен податок е дека тие се нарекуваат симболична претстава на инвеститура божествена, односно прикажана е божјата рака како ја поставува круната на главата на кралот Марко што има за цел да покаже дека неговата власт била од божествено потекло, дека е оправдана“, рече Василески.

 Црквата Свети Димитрија е најголемата зачувана црква од некогашнииот град. Ктитор на црквата бил Димитриј Мисинополит потекнува од Солунската област и бил доста моќен чиновник во Византиската иимперија во Прилеп. Подоцна околу српското освојување на овие простори еден од синовите на Димитриј Мисинополит ја дава на поклон црквата заедо со целиот нејзин имот на манастирот Трескавец.

Тука е и црквата Свети Атанасиј од која останати се само ѕидовите, кровот го нема и во црквата не се извршуваат никакви црковни служби. Според патеписецот и архимандрит Антониј кој поминал во Прилеп во 60-тите години на 19 век опишал дека фрескоживописот кај црквата бил комплетно зачуван, но од тогаш до денес не е останато за жал ништо.

Таа е градена во правилен т.н.опусклоазене, односно, ќелиест систем, кој што се карактеризира со правилно оформени блокови и врамени со тули. Тој е еден од најрепрезентативните системи за градба на средновековни цркви, воопшто во Византија“, додава историчарот на уметност Василески.

 Една од најзначајните цркви во Прилеп во тој период е црквата Свети Никола изградена во 1298 година од страна на благородникот Вего Капза и неговата жена Марија.

Црквата е особено значајна бидејќи има една од најбогато декорираните фасади воопшто во византискиот свет кои што се сочувани кај средновековните цркви и таа се карактеризира со повеќе типови на орнаментални украси, односно таа т.н. керамопластична декорација, која што е изведена со тули, има мотиви на рибина коска, ромобови, цик цак ленти, но исто така има и примена на т.н. лончиња, кои што претставуваат посебни градежни елементи кои што биле вградувани во византиските цркви со цел да се зголеми акустиката во нивната внатрешност, но и за да се олесни градбата во повисоките партии“, велии Василески.

 

Се уште во науката се води дебата дали црквата настанала во рамките на две градежни фази. За тоа најзаслужна е различната градежна техника во пониските и повисоките делови на црквата. Повисоките делови се изградени од тула, а пониските од масивни камени блокови кои што се грубо обработени, но има и примена на антички сполии, односно елементи од постари антички објекти.

Особено значајно во црквата е тоа што е комплетно сочувана комплетно нејзината фрескодекорација во внатрешноста, која што се смета дека е производ на 2 сликарски работилници, односно 2 сликарски ателјеа биле ангажирани за изведбата на ѕидното сликарство. Постарата работилница работела во олтарскиот простор на црквата и ја сликала претставата на Богородица која што е придружена од архангелит Гаврил и Михаил, додека пак работилницата која што работела околу 1298 година го насликала живописот во наосот на црквата“, потенцира Василески.

Со навлегувањето на срската држава на овие простори после 1334 година Ридот Маркови Кули со неговата околина добивал се повеќе економско, отколку воено значење, затоа е и редуциран тој фортификациски дел на горниот град. Финале на овој процес е за време на Кралот Марко кога Прилеп нема никакви елементи на воено значење, нема услови, ниту можности за одржување на тврдината и целиот нагласок е комплетно на цивилниот дел. Во тоа време најголемиот дел од градот се простира околу црквите Свети Димитрија, Свети Никола и манастирот Свети Архангел Михаил.

Тоа е можеби најдобра илустрација за она што неколкупати го спомнавме, тоа двојство, од една страна кралот Марко, како историски хероизирана личност, а од друга страна, една минимална, незначителна, воено фортификациска содржина во централното место на неговото владеење. И тоа е можеби едно финале на користење на овој простор. Сите оние премрежија, таа историја во мало на културната историја на балканскиот полуостров се заокружува со едно вакво двојство, со еден ваков парадокс. Хероизираниот балкански јунак, Крал Марко нема никакви фортификациски содржини во централното место на своето владеење“, вели археологот Бранислав Ристески.

 По Кралот Марко, средиштето на градот се преместува на просторот на сегашниот Прилеп и според историските записи манастирот Трескавец сега го превзема приматот на средишен пункт за христијанското население во северна Пелагонија.

Денес целиот локалитет Маркови Кули е посетуван од илјадници туристи годишно кои сакаат да ги посетат тврдините, црквите и манастирите, да ја слушнат целата оваа богата историја, да се вратат за момент назад во времето кога Прилеп бил еден од поголемите центри во Византија. Локалитетот е ставен на привремената листа на заштита на УНЕСКО, а се прават огромни напори после Охрид тој да биде вториот регион во нашата држава кој ќе се најде на постојаната листа за заштита на оваа меѓународна организација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи