Ристески: Дали директор на ЈП, соработник на градоначалникот, е жирант за кредит за изградба на зградата кај Солидност?

 

На заканите од градоначалникот Јованоски дека ќе поднесе тужба за клевета, откако во програма во живо на „Радио Пела“, Петар Ристески, кандидат за пратеник во ИЕ 4 од страна на ВМРО-ДПМНЕ , изнесе сомнежи за сторен криминал во областа на градежништвото и урбанизмот во Прилеп, во кој е замешана градежна фирма во сопственост на роднина на градоначалникот, денеска Ристески одговарајќи на новинарско прашање рече :

 

 

 

„Јас се радувам доколку Јованоски поднел тужба, бидејќи не знам кој го советувал, но во една таква постапка ќе треба многу да докаже и многу одговори да даде и на судот и пред граѓаните. Но, кога веќе ја начнувате оваа тема, јас денеска ќе му поставам на градоначалникот едно прашање:

 

Господине градоначалник, дали сте запознаени дека директор на јавно претпријатие и ваш близок соработник е жирант, односно со свој имот гарантира за кредит земен на фирмата која ја гради таа зграда, а за која има шпекулации низ градот дека лично и вие како градоначалник, имате замешано прсти во таа фирма и таа зграда?

 

Ако е точно дека директор близок соработник на градоначалникот е вклучен во подигнувањето на кредит од 200.000 евра, тогаш која е поврзаноста и кој е мотивот на овој директор да гарантира со сопствениот имот на некоја фирма, односно фирма која граѓаните ја поврзуваат со градоначалникот.

 

Доколку Јованоски не одговори, јас лично со документи ќе излезам да се докажеме дали има или нема вистина во ова”, истакна Ристески.

 

Претходно Претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и кандидат за пратеник, Петар Ристески, во програма во живо на „Радио Пела“ изнесе сомнежи за сторен криминал во областа на градежништвото и урбанизмот во Прилеп, во кој е замешана градежна фирма во сопственост на роднина на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

 

„Се работи за фирмата која гради стамбена зграда на улицата „Октомвриска“ отспротива на Солидност, за која во градот постојат шпекулации дека и самиот Јованоски е замешан во сопственоста на оваа фирма. Градежниот инспекторат од општина Прилеп му наредува на инвеститорот и носи решение за прекин на таа градба, бидејќи не ги исполнува условите за градба, односно инвеститорот постапил спротивно на основниот проект каде не е дозволено изградба на подрумски простории. Инспекцискиот надзор на лице место утврдил дека се изградени вакви простории. Имајќи го на увид овој документ, градоначалникот требало решението за градба да го прогласи за ништовно и доколку сакал овој инвеститор да продолжи со градба требало да бара ново решение. Наместо тоа, во време кога сите граѓани се оптеретени со здравствената криза, на 19.03.2020 год.градоначалникот Јованоски, притоа без потпис од контролор, потпишал решение за одобрување на измени на основен проект во тек на изградба на стамбено деловна зграда, што е апсолутно незаконски”, истакна тогаш Петар Ристески.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.