ССМ до идната влада: Неработен викенд, породилно 12 месеци и пензија сo стаж

 

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ги искажа своите барања за кои ќе преговара со идниот мандатар, без разлика која партија ќе прави влада.

 

„ССМ настојува секогаш, а особено во овие услови, во името на работниците кои се членови на синдикатите здружени во ССМ, да ги пренесува нивните барања и укажувања, од кои во наредниот период без оглед на тоа кој ќе формира Влада, нема да отстапиме и тие ќе претставуваат почетна основа за преговори со социјалните партнери“, велат од синдикатот.

 

Велат дека новиот закон ги содржи европските и светски тенденции во работата.

 

„Во таа насока се залагаме за договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до една година, 38 часовна работна недела, породилно отсуство во траење од 12 месеци, доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД, целосно остварување на правото на годишен одмор, сабота и недела денови на неделен одмор, унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите, почитување на конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање, работодавачот да биде должен да ги отпочне преговорите во рок од 30 дена од доставен присмен предлог на Колективен договор на ниво на работодавач од страна на синдикатот, унапредување на колективното договарање и социјалниот дијалог на сите нивоа, затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас“, велат од ССМ.

 

Во делот на пензионирањето сметаат дека треба законски секој да може предвреме да се пензионира на 60-годишна возраст ако има работен стаж од најмалку 15 години. Бараат и воведување на бенифициран стаж за градежните работници и за оние работници кои работат во тешки услови кои влијаат штетно на здравјето, како и пензија по дејности односно со закон да се предвидат едни услови за пензионирање на пример за градежен работник, текстилен работник или рудар од оној работник кој работи во администрација.

 

Синдикатот ќе бара и зголемување на минималната плата. Бидејќи според најновите податоци за задоволување на основните месечни потреби на едно 4 члено семејство му се потребни најмалку 33.500 денари, а двајцата  сопружници земаат минимална плата од 14,500, значи не можат да си ги задоволат ниту минималните услови за живот. Затоа Синдикатот ќе бара загарантираната плата да изнесува најмалку 60% од просечната, по текот на  европските држави.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.