Левица обвини дека ѝ се украдени 3 мандати, ќе поднесе кривични пријави за ДИК

 

 

Димитар Апасиев, претседателот на Левица, на денешната прес-конференција, рече дека се сомневаат оти нивната партијата по вчерашните избори е оштетена за минимум околу 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4.

 

Тој најави дека Левица ќе поднесе приговор во законскиот рок од 48 часа, а најави и кривични пријави против членовите на ДИК, бидејќи, како што рече, имало „невиден скандал во досегашната изборна историја“.

 

„Според нашиот аналитички центар, не кореспондираат електонските записници со хартиените записници. На овој начин, ние сме искрадени по 30-40 гласа во урбани средини по избирачко место, а пратениците кои „висат“ во овие три изборни единици се за 200 до 600. Тоа значи дека доколку не беа овие изборни нерегуларности ние ќе имавме чисти плус тројца пратеници“, рече Апасиев.

 

Незадоволен е од изборниот модел кој, рече, ќе мора да претрпи измени зашто не може да опстои и  тоа ќе биде негов прв предлог како пратеник во Собранието за промена во една изборна единица.

 

„Ова е шизофрен изборен модел, кој ја фалсификува волјата на граѓаните. Затоа што еден пратеник на СДС и ДПМНЕ чини седум илјади гласа, а еден пратеник на Левица чини скоро 19 илјади гласа или два и пол пати повеќе. Иронија е што Алијанса и Алтернатива, кои имаат двапати повеќе освоени гласови од нас, имаат шестпати повеќе мандати од нас“, рече Апасиев.

 

Во однос на можни преговори со политичките партии околу формирашето на нова Влада, Апасиев рече дека „засега немаат контакти со политички партии за коалицирање, но дека со СДСМ нема за што да разговараат“.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.