До Управниот суд поднесени 178 тужби за изборите – 101 се од Левица

 

 

До Управниот суд партиите поднесоа 178 тужби за изборите, а од нив 101 се на Левица и се поднесени денеска.

 

Од новата парламентарна партија бараат да се поништи гласањето во оспорените гласачки места и сметаат дека ДИК неосновано им отфрлила дел од приговорите преку однапред подготвен шаблон за одбивање, без навлегување во спецификите на секој поединечен случај.

 

„Сакаме да ја известиме јавноста дека образложенијата на побиваните решенија на ДИК се изработени на ‘темплејт’, т.е. однапред подготвен шаблон за одбивање, без навлегување во спецификите на секој поединечен случај, што е недозволиво за една државна институција. Истите се штури и банални и изобилуваат со цитирање неповрзани членови од Изборниот законик, без воопшто да се впушти во материјално расправање за она што беше предочено во приговорите“, се наведува во партиското соопштение.

 

„Сето ова говори во насока на тезата за аматерското, несериозно и непрофесионално постапување на членовите на ДИК кон проблематиката на предочените изборни нерегуларности! Дотолку повеќе, просечното време на ‘решавање’ на ДИК по секој приговор е дури неверојатни 3 секунди – што е навреда за здравиот разум и за интелигенцијата на секој македонски граѓанин“, велат од Левица.

 

Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесоа 75 тужби, а најавуваат и протести поради, според нив, изборната кражба. Една тужба има поднесено и Интегра.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.