Газди земале парична помош од државата, а работниците не добиле ниту денар

 

 

Над 700 фирми добиле поддршка од државата за исплата на плати, но парите не стигнале на „адреса“ на вработените.

 

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција соопшти дека 281 работодавач во април примиле поддршка во износ од 9 милиони 995 илјади 565 денари, а не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработен. Во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 денари.

 

Останати микро, мали и средни компании, односно вкупно 3,746 компании на над 52 илјади работници им го скратиле минималецот и исплатиле 1,5 милиони евра помалку.

 

„Управата за јавни приходи располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени“, рече Лукаревска.

 

Апелираше до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта била да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.