Сугарески: Започнува проектот за изградба и реконструкција на над 400 километри локални патишта

 

 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска од Прилеп најави проект за изградба и реконструкција на над 400 километри локални патишта и улици во сите 80 општини и Градот Скопје.

 

Министерството за транспорт и врски веќе го објавило првиот тендер за изградба и санација на локални улици и патишта во 17 општини, како прва фаза од проектот „Македонија без кал“. Со неа се опфатени 28 локални улици во должина од 23, 6 километри, во вредност од 4,5 милиони евра.

 

„Во оваа прва фаза влегоа само општините кои до Министерството доставија готови ревидирани проекти кои Светска банка веднаш ги одобри. Исто така, сакам да најавам дека работиме и на вториот пакет на општини кој некаде до средината на август ќе го испратиме на одобрување до Светска банка“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

 

Тој дополни дека тендерската постапка е во тек, рокот за поднесување на понудите е до 18 август,  по што следува евалуација на понудите, договор со изведувач и почеток со градежните работи. Потенцираше дека  дека е многу важно во овој период општините да подготвуваат проекти и да ги испраќаат до Министерството за транспорт и врски, со цел ефикасно и навремено да се искористат средствата што ни се одобрени за локалните патишта.

 

Вредноста на проектот е 70 милиони евра, средства обезбедени од Светската банка.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.