Џафери ја закажа конститутивната седница на 4 август

 

 

Претседателот на досегашниот собраниски состав Талат Џафери  ја закажа првата конститутивна седница на Собранието за 4 август, во вторник точно на пладне.

 

Со оглед на новонастанатата состојба со пандемијата Ковид-19 и во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, седницата ќе се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација.

 

„Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема. Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња)“, се вели во соопштението.

 

Со оглед на фактот дека Џафери се наоѓа на Инфективната клиника поради пневмонија, се уште не е познато дали тој ќе биде во можност да ја води конститутивната седница.

 

Со одржување на конститутивната седница од вторник почнуваат да течат и роковите за состав на новата Влада. Претседателот Пендаровски ќе има рок од 10 дена да го додели мандатот, а мандатарот во рок од 20 дена до Собранието ќе треба да поднесе предлог за владин состав за чие изгласување е потребна поддршка од 61 пратеник.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.