ВИДЕО: ЦСЛУ – најголем уметнички амбасадор на Прилеп низ светот


Она што можеби голем дел од граѓаните на нашата држава не се запознати е тоа дека Прилеп со гордост може да се пофали дека ја има најстарата Интернационална ликовна колонија на Балканот и Југоисточна Европа формирана во далечната 1957 година.

Главни виновници за нејзиното создавање се Проф. Д-р Бошко Бабиќ и академскиот сликар и професор во прилепската гимназија Ристо Лозановски, кои на оваа идеја доѓаат во 1956, а веќе една година потоа идејата е реализирана. Но развојот на уметноста во Прилеп не останува само на сликарството, туку постепено се опфаќаат и другите правци и стилови.

„Во 1963 година повторно д-р. Бошко Бабиќ го реализира скулпторскиот симпозиум во мермер. Значи две години после тоа, 63 и 64 година Прилеп доживува буквално експанзија од уметници, веќе се најдува и во весници, имаме големи објави за тоа што се случувало во тоа време. Да не заборавиме дека тука го имаме и Мермерниот комбинат и сета таа приказна помеѓу мермерот, ликовната колонија, културното наследство Прилеп што го имал низ минатото, веќе се појавуваме во светски натписи, во Лондон, во Париз, во Италија, Хрватска, во бившите држави сега од Југославија во сите весници, пишани медиуми тогашни, сме се појавувале како натписи. До таму што, за неколку години сите канцеларии за врски што биле со државите, испраќале писма и дописи да нивни уметници да завземат учество, или на скулпторскиот симпозиум, или на интернационалната сликарска колонија“, истакна Горан Ристески, претседател на Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп.

За само неколку години Прилеп го достигнува тоа ниво да на уметниците од целиот свет им претставува особена гордост и престиж да кажат дека биле дел од овие колонии и симпозиуми во Прилеп. Во 1971 година се формира и третата уметничка работилница во Прилеп – Интернационалното студио за пластика во дрво.

„Тука се поврзало индустриската уметност со внатрешен ентериер, дизајн, уметноста се приближила внатре во фабриките, кон населението, со работниците и исто така имало голем импакт тоа атеље. За подоцна во 1974 година сите тие три засебни организации го формираат Центарот за современа ликовна уметност и веќе во 1980 година и правно е регистриран и функционира и ги опфаќа сите овие наведени интернационални работилници“, вели Ристески.

 

„Можам слободно да кажам дека најзлатното време, идеален период било од 1970 до 1990 година, се додека се одржувало на манастирот „Архангел Михаил“, пошто во првите три години се одржувало во стариот хотел кој се најдувал на плоштад, хотел „Југославија“. Подоцна две години се одржувала на манастирот „Трескавец“, каде што уметниците се носеле со магариња, бидејќи ја знаеме оддалеченоста од Прилеп до манастирот „Трескавец“, која што била вистинска атракција. Брзо се ширеле позитивните вести, веќе самите уметници писмено се обраќале од сите делови од светот да заземат учество и затоа токму поради тоа сметам дека тие 20 години, со одржувањето на „Архангел Михаил“, со глетката, со историјата што ја имал Прилеп и самите „Маркови кули“ биле огромна инспирација за уметниците кои доаѓале од ширум светот“, потенцира Ристески.

Во тие т.н „Златни години“ на уметноста во Прилеп колониите траеле преку целото лето, по 3 до 4 месеци, а за да се осплужува целата таа активност Центарот имал и 25 вработени. Поради огромната заинтересираност на уметниците од целиот свет да дојдат во Прилеп веќе се започнало да се разгледува идејата за изградба на т.н. Арт или Уметничко село, каде ќе бидат сместении сите тие уметници и кои тука би твореле не само преку летото, туку ии преку целата година. Дел од тие објекти веќе започнале да се градат веднаш под манастирот Свети Архангел Михаил во населбата Варош, но во 1990 година престанува изградбата, кога имотот каде се одржувала колонијата се враќа повторно на Македонската православна црква.

Од тогаш па се до денес ЦСЛУ функционира во простории во центарот на градот, кај домот за култура „Марко Цепенков“. Денес Центар за современа ликовна уметност –Прилеп брои 13 работилници. Покрај претходно споменатите има и Интернационално атеље за витраж и  Интернационална работилница за керамика, формирани 1975 годиина, Интернационално атеље за уметничка фотографија, формирано 1978, во 1981 година се формира Интернационалното атеље за графика, а една година потоа и Интернационално атеље за мозаик, а во 1984 година Интернационалното атеље за скулптура во метал. Една децениија од тогаш во 2004-та Интернационално студио за пластика во пластика, 2015-та Интернационалното студио за меил-арт, а во 2018 се формираат Интернационално студио за body painting и Интернационално студио за street-art.

Досега низ сите овие работилници на Центарот продефилирале над 700 уметници од сите континенти и од скоро сите државии од светот. 70% од нив се сликари, а 30% скулптори.

„Создавале прекрасни дела кои ден денес ги красат одредени институции, министерства. Имаме едно дело „Девојка со мандолина“ од Димитар Кондоски, кое што е во Министерство за култура, зад министерот за култура. Имаме во Влада на Република Македонија, во МВР во Скопје, имаме по плоштадите, во Битола, имаме скулптура во Скопје кај „Нова Македонија“, зградата од Јордан Грабул, кој исто така е стожер на македонското вајарство. Сме ги опфатиле за тоа време сите истакнати ликовни уметници“, рече Ристески.

Токму создавањето на тие скулпторски дела од мермер ја раѓаат идејата Прилеп да стане можеби првиот град во тогашна Југослсвија, па и во поширокиот регион кој ќе биде своевидна галерија на отворено, со поставување на изработените скулптури на уметниците низ парковите во градот.

„Во 1965-1966 година за прв пат се поставуваат 10-тина монументални скулптури и со тоа е отпочнат проектот „Прилеп – галерија на отворено“. Низ текот на годините, посебно во 2009-2010 година, на иницијатива на претходниот раководител на ЦСЛУ, сега покоен господинот Диме Јанески, во соработка со ЕЛС Општина Прилеп, поставени се и разместени околу 40-тина скулптури во централното градско подрачје, со што во моментот бројката поставени монументални скулптури е некаде околу 60 во центарот на градот Прилеп. Токму и тука каде разговараме го доби оваа „Патека на уметноста“, или „Арт плоштадот“. Значи скулптурите се поставени на плоштадот „Александрија“ и плоштадот „Методија Андонов – Ченто“. Дополнително имаме околу 20-30 скулптури кои се поставени во близина на градот Прилеп“, додава претседателот на ЦСЛУ Ристески.

Едни од најпознатите скулптури изработени на симпозиумот за мермер се изработении во 60-тите години на минатиот век како што се : „Дете“, најстарата скулптура од 1963 година, „Тутуноберачка“, „Жена со птица“, „Кралот Марко“, „Белата Мечка“, „Орото“, скулптурата „Жена“, „Прегратка на мајката“, „Сеќавања“, „Мам и жена“, „Враќање“, „Мајка на мртвите“, познатите раце или „Скулптура за Прилеп, „Златна шума“, „Одмарање“, „Ника“, „Вода“, „Гулаби“ и голем број други.

„Така што Прилеп има со што да биде горд и има со што да се презентира пред европската и светската јавност, земајќи во предид дека и Меѓународниот скулптурски симпозиум во мермер, кој што во 2017 година прославивме 55 години од неговото постоење, е еден од најстарите симпозиуми кои во континуитет се одржува. Можеби некои години одиме со галериски формат, со малку помал формат, во зависност од времетраењето на симпозиумот, средствата кои што ги имаме и мислам дека сепак 100 монументални скулптури и тоа како е добра бројка да можеме да се пофалиме“, истакна Ристески.

Секоја скулптура си има свој приказна.

„Уметникот Алфредо Пачиле, кој што доаѓа од Аргентина, кога дошол тука првите 2-3 дена бил едноставно фасциниран, никогаш во неговиот живот претходно немал видено магаре, а приметил баш во тие неколку дена дека на некој начин ние го користиме и како главно превозно средство во тие години и на почетокот добил толку голема желба и амбиција, што сакал да направи монументална скулптура во 3Д форма, магаре, меѓутоа тешко му одело. Потоа се решил да го изработи во 2Д формат, како што може да го видиме тука и притоа, за да ја изработи оваа скулптура, како еден податок, уништил 9 електрични рачни брусалици“, вели Ристески.

„Тука како што може да се виде, интересен е еден податок дека како постамент за оваа скулптура е искористена една карпа и кога водата, односно вештачкото езеро е до максимум полно, скоро 70-80%, иди дека скулптурата стои, односно лебди на вода. Таа е специјално за тоа изработена и баш при нејзината изработка планирано е да биде поставена тука. Изработена е во 1971 година од Макеј Шамковски, кој што е уметник од Полска“, кажа Ристески.

Освен во центарот на Прилеп мермерни скулптури има и во голем дел од парковите и дворовите на повеќе државни институции, но и приватни компании.

„Според нашите податоци и информации, нецелосни пописни документации кои што во моментов ги работиме, имаме некаде создадено околу 1200-1500 дела, од кои што се надеваме дека, сега сме во припрема за изработка на дигитализација на збирката на ЦСЛУ, на располагање ни се некаде околу 600-700 уметнички дела. Дел од нив, околу 100-тина, имало немили настани каде што имало кражби, имавме две поплави кога исто така 50-тина се уништени, дел од нив имаме кога умтениците си ги побарале уметничките дела з аретроспективни изложби и потоа никогаш не ги вратиле. Има исто така во многу институции, претежно во Скопје, каде што ЦСЛУ за жал нема пристап до делата да може да ги истражи, да ги документира, да ги објави, да ги изложи. Понатаму, во градов имаме 40-тина уметнички слики и 10-тина скулптури. Во 2011-2012 година ја имаме разубавено новата општинска зграда, имаме 40-тина уметнички слики во МВР Прилеп, во одделенијата во градска болница. Исто така имаме претежно во сите претпријатија кои сега повеќе не постојат, таму имаме податоци но во делата немаме увид. Така да сепак 600-700 уметнички дела збирка која што ќе опфати дигитализација, мислам дека не е мала бројка“, потенцираше Ристески.

Освен дигитализација на делата ЦСЛУ планира и издавање на библиографија со сите натписи по медиуми кои досега биле напишани за колонијата и симпозиумите.

„Во фаза на подготовка на изработка и собирање податоци, сме во план да издадеме и една библиографија. Можеби таа ќе биде во некаков онлајн формат, доколку не сме во можност да ја издадеме во печатен формат. Тука има исто интересни податоци и факти и мислам дека би дошле до бројка од околу 1.000 натписи кои што биле своевремено во овие 62-63 години пишани во сите републики од поранешна Југославија, во Југоисточна Европа, светски печатени медиуми итн“, вели Ристески.

Како главен примат и цел на ЦСЛУ останува сонот започнат уште во минатиот век за создавање на уметничко село, каде уметнциите ќе може да творат преку целата година.

„И како визија во иднина останува платот да направиме едно уметничко село, арт село каде буквално ќе се вратиме кон нашите почетоци, да овозможиме еден прекрасен простор, амбиент, каде што ќе имаме и можност симпозиумот, или работилниците кои што ги организира ЦСЛУ, да добијат повеќе на време и да можеме повторно да изработуваме, односно уметниците да творат во изработка на поголеми формати на уметнички дела“, изјави Ристески.

Со својата дејност Центарот за современа ликовна уметност гордо продолжува да биде еден од најзначајните амбасадори на Прилеп низ целиот свет.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи