66 фотографии изложени на седмата традиционална изложба „Јордан Зазоски – Зазо“

 

 

Фото-кино клубот „Прилеп синоќа во ликовниот салон на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ ја отвори седмата по ред клубска изложба на фотографии „Јордан Зазоски – Зазо“.

 

Изложбата е традиционална поставка. Пред прилепската јавност се изложени 66 фотографии на исто толку млади автори, членови на клубот. Поради заштита на присутните, изложбата беше отворена на платото пред Центарот, а публиката во ограничен број можеше да ги погледне фотографиите, а ќе има можност да ги види и наредните денови.

 

Претседателот на фото-кино клубот „Прилеп“, Сашо Попоски вели дека сé повеќе млади се интересират за фото и кино уметноста и низ годините голем број членови се запишале на некој од факултетите за аудио-визуелни уметности.

 

„Уште пред да почне пандемијата е подготвувана изложбата и фотографиите се одбрани од жири комисија. Клубот е реактивиран пред десеттина години, инаку има традиција од 45 години. Задоволство е што секоја година сé повеќе млади се интересираат за фото и кино техниката и Клубот прераснува во најдобрите во земјава. Многу наши членови се запишаа на факултетите за аудио-визулени уметности. Главна преокупација на Клубот е обуката на нови членови и да ги воведеме во уметноста на фотографијата и на филмот, да ги научиме уметнички да се изразуваат“, рече Попоски.

 

 

Сашко Бошкоски, фотограф и секретар на Клубот, се сеќава кога од двата клуба се реактивираше сегашниот, а неговата љубов спрема фотографијата и филмот се повеќе од 30 години.

 

„Во 1986 година беа два клуба: кино-клубот „Еделвајз“ и фото-клубот „Златоврв“. Токму во тој период е создаден Фото-кино клубот „Прилеп“. Јас сум член повеќе од 30 години. Буквално пораснав во Клубот, учетнички созревав. Пресудна беше љубовта кон фотографијата, кон филмот. Пандемијата не спречи, а имавме планови да направиме фестивал, бидејќи малку се во нашава земја. Голем е предизвикот и мотивацијата за да се создаде фотографијата, зашто секоја фотографија е историја. Секој доловен момент останува забележан и незаборавен. И уникатен, зашто секоја фотографија е различна, никогаш повторлив момент“, рече Бошкоски.

 

На 18 членови Клубот им даде називи – фотограф од втора и од трета класа, а Клубот останува со идејата да почне фестивал кој ќе има своја традиција.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.