Големо невреме доцна попладнево го зафати атарот на село Канатларци

Големо невреме проследено со силен ветар, град и дожд, кое траело од 15 до 20 минути доцна попладнево околу 19 часот го погоди атарот на прилепското село Канатларци. Според изјавите на земјоделците од невремето погодени се околу 50% од вкупните површини кои тие ги засадуваат. Најмногу штета имало кај тутунот, каде биле уништени оние раце, односно берби, кои најдобро се плаќаат, а големи штети имало и кај пиперките и бостанот, по што е особено познат овој крај. Лубениците од селото Канатларци се едни од најбараните на пазарот бидејќи не се калемени и се почиста автохтона сорта од овој регион.

 

„На мојот тутун имам штета околу 70 до 80%. Првата и втората рака ми беа обрани, а најквалитетниот тутун ми е назад и јас мислам дека штетата е околу 80%. Погоден е и бостанот, од лубениците веќе не бива ништо. Мавнати се со град ии за 2-3 дена тие ќе скапат. И пиперките се дупнати“, вели Беџет Исламоски, земјоделец од село Канатларци.

 

Инаку Беџет Исламоски е еден од поретките земјоделци кои го осигуруваат родот. Вели дека во последниве неколку години тоа му било редовна практика бидејќи 60% од осигурителната полиса исплаќа државата. Но сепак се уште бил мал бројот на земјоделци кои го осигурувале родот. Инаку Канатларци и лани беше погодено од невреме во месец јуни кога беа зафатени 642 хектара земјиште со проценета штета од 74 милиони денари. Исламоски вели дека добиле обештетување и од осигурителните компании и помал дел од Општина Прилеп. Инаку жителите велат дека денеска во регионот поминал и авионот за авионско засејување на облаците, што како нов систем за заштита од град кој пред извесен период го воведе Министертсвото за земјоделство, но по се изгледа во овој случај тоа било неуспешно.

 

„Ние земјоделци кои бевме осигурани сме исплатени се и плус локланата самоуправа ни исплати. 60% покрива државата од осигурувањето и јас секоја година се осигурам. Незнам на многу мина му имам објаснето дека ова е добро, некој велат дека нема да удри град. Оваа година па некои се излажаа, лани беа осигурани, а годинава не бидејќи се надеваа на тоа што државата вети дека има авион кој ќе не штити од град, но денес поминал авионот, но не помогна тоа. Мештаните го забележале, поминал, но повеќе кружел над Битола, над Канатларци само поминал. Во проценти можам да кажам дека 20% од жителите се осигурании, а 80% не се“, додава Исламоски.

 

Жителите на Канатларци велат дека утре ќе ја пријават штетата и во осигурителните компнии и во Општина Прилеп и ќе бараат обештетување.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи