ВИДЕО – Невреме во Канатларци, голем дел земјоделци не го осигуруваат родот, дел пак обвинуваат дека авионот за заштита од град задоцнил

Големо невреме проследено со силен ветар, град и дожд, кое траело од 15-тина минути вчера доцна попладнево го погоди атарот на прилепското село Канатларци. Според земјоделците погодени биле 50% од вкупните површини кои што тие ги засадуваат. Најмногу штета имало кај тутунот, пиперките и бостанот.

 

 

„Овде на оваа парцела ако имаше 30 или 40 тони на пиперки сега ќе има само 10 тони. Ова што сега требаше да се бери се првите пиперки, сега нема ништо да остани, овие што се удрени од градот пиперки ќе скапат за неколку дена. Втора берба нема ниту да има, бидејќи нема цвет, се е попаднато на земја, ако остани нешто тоа нема да вреди ништо, 2 денари или 3 денари ќе ни дадат за него“, вели Куч Бајрам, земјоделец од с. Канатларци.

 

„Околу 50 декари тутун имам насадено, најквалитетниот тутун ми остана и сега тој е погоден од град. Пример сега кога ќе го носам во откупните фирми наместо ако требало да ми дадат оценка за класа 2 сега ќе ми речат дека ова е класа 3“, додаде Беџет Исламоски, земјоделец од село Канатларци.

 

За жал иако државата веќе со години наназад покрива 60% од полисата за осигурување само околу 20% од земјоделците го осигуруваат родот, останатите немаат навика.

 

„Трета година по ред го осигурувам тутунот, сум благодарен, лани од невремето кога не зафати 90% ни прифатија штети, ова година како производител ценам дека 70 до 80 проценти е оштетено“, потенцираше Беџет Исламоски, земјоделец од село Канатларци.

 

„Годинава се обидов да го осигурам, но тогаш не беа уште почнати со тоа и така документите кои ги извадив ми останаа, ми пропаднаа“, рече Куч Бајрам, земјоделец од с. Канатларци.

 

Некои пак се надевале на новиот систем за заштита од град преку авионско засејување на облаците, но иако вчера поминал тука авионот за заштита тутунарите велат дека тој задоцнил.

 

„Облаците беа слезени до земја, јас сум 52 години такви грмотевици немам видено. Страшно беше, се виде дека е 100 проценти град. Зошто предавателот пред време не го викна авионот, после дојде авионот кога веќе започна невремето, кога веќе врнеше град“, изјави Амза Текешаноски, земјоделец од село Канатларци.

 

Жителите на Канатларци денеска ќе ги пријават штетите во Општина Прилеп и осигурителните комопании и ќе бараат обештетување.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.