Заврши увидот во ограбената експозитура на Уни банка во Крушево

Заврши увидот на екипите на крим техника од ОВР Прилеп и екипите на ОВР Крушево во експозитурата на Уни банка во Крушево каде попладнево околу 16 часот се случи вооружен грабеж. Засега од МВР не откриваат никакви детали освен тоа дека непознато лице со закана со пиштол одзело пари од вработените во банката. Во моментов се контролираат влезовите на Крушево и се прегледуваат снимки од камери.

 

Според она пак што првично го имаме како информација е дека едно лице влегло во банката вооружено со пиштол, не се знае сеуште дали пиштолот бил вистински или не. По влегувањето во банката лицето им се заканило на тројцата вработени да го отворат сефот. По отворањето на сефот ги затворил вработените во една просторија од банката, ги зел парите, кои исто така засега не се знае колку биле и избегал во непознат правец.

 

Не се знае ниту дали лицето имало логистичка поддршка од други лица или бил само во оваа акција.

 

Но повторуваме ова се засега само првични, неофицијални и се уште непотврдени информации со кои располага нашата редакција.

 

Од МВР истакнаа дека повеќе детали и информации за грабежот ќе имало дури утре.

 

Од Јавното обвинителство во Прилеп само рекоа дека биле во фаза на прибирање на докази околу случајот.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.