ВИДЕО – Прилепчанецот Марјан Темовски дел од уникатно истражување на трициумот од ледник на швајцарските алпи

 

Можеби ретко кој од нас има слушнато за тоа што е трициум, односно дека тој е редок радиоактивен изотоп на водородот. А уште помалку знаеме дека во едно од ретките истражувања за трициумот во светот учествува и еден прилепчанец, д-р Марјан Темовски, истражувач во Институт за нуклеарни истражувања во Дебрецен, Унгарија. Инаку врз нивото на природната концентрација на трициумот во атмосферата влијае, според некои истражувања, сончевата магнетна активност. Колку таа е поголема, нивото на трициум е помало. Но во 50-тите години доаѓа до огромно зголемување на трициумот во атмосферата поради нуклеарните проби. Од 1963 па наваму со мировиот договор и стопирањето на тие нуклеарни проби трициумот се враќа во нормала. Но, за да се види како била состојбата во атмосферата пред 50-тите години, пред нуклеарните проби, Темовски заедно со неговиот тим беа на Швајцварските алпи на 4.450 метри мнв каде од ледникот Гренц со дупчење зедоа примероци на длабочина од 30-тина метри.

 

 

„Кога има појака активност на сонцето, намалено е космичкото зрачење, значи намалено е производството на трициум во атмосферата. Тоа можеше да се види со таа анализа во последниите 2 декади, но нас ни треба многу подолга низа на податоци и тоа го очекуваме со овие истражувања, со ова истражување што конкретно го направивме. Извадиме ние 2 јадра на ледник на длабочина од 33 метри. Со што ќе можи понатаму многу попрецизно да се користат, да се користи трициумот како алатка за различни хидролошки истражувања. Во пракса многу корисна алатка за да вие утврдите резерви на вода, да можете да утврдите мешање на различни води и да издвоите што од тие вредности ги мерите е природната промена, а што е тоа што е нарушување на таа промена“, истакна д-р Марјан Темовски, истражувач во Институт за нуклеарни истражувања во Дебрецен, Унгарија.

 

Трициумот своја голема примена наоѓа во хидролошките истражувања, а тоа уште повеќе би се зголемило со овие нови истражувања од Швајцарските ледници.

 

„Генерално во нормално хидрогеолошко истражување за експлоатација на подземна вода, една од алатките кои се користат е трициумот. Во Македонија ова не е нешто вообичаено, нема некои истражувања правени на оваа тема. Ние изминативе години правевме некои истражувања во Македонија, зедовме некои примероци од различни места, кои се уште се анализираат и допрва ќе следат. Меѓутоа на други места, на пример тука во Унгарија континуирано се врши мониторинг на концентрација на трициум во подземни води, за да знаат колку на пример брзо им се троши подземната вода“, додаде Темовски.

 

Темовски од Швајцарските алпи се врати пред неколку денови, а се очекува конечните резултати од ова истражување да бидат готови за околу 2 години, кога конечно ќе се знае многу повеќе за трициумот и влијанието на сонцето врз него.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.