ВИДЕО – Фестивали може театар не, театрите се уште без протоколи дали и како би започнале со работа

И додека голем број културни настани и разни фестивали добија дозволи и можност да се одвиваат со почитување на одредени мерки за заштита од Ковид 19, театрите во Македонија се уште немаат добиено никакви протоколи и препораки дали и како би започнале со работа. Од прилепскиот театар велат дека никој досега ги нема контактирано од Министерството за култура. Колективниот одмор на актерите им завршува за неколку дена, а никој не им кажува што понатаму.

 

 

„Дозволено е претстави да се играат на отворено, ама ние во моментов немаме подготвено таква претстава, оваа цела ситуација со пандемијата не фати нас на сред процес на претстава која ја работевме, „Каменот“ со Христина Димитрова и не е спремна да се игра воопшто, а останатите претстави за на репертоар не се од таков карактер за да можат да се играат на отворено. Сега во моментов сме на стенд бај, се надеваме дека за брзо ќе има пуштено протокол како би работеле во затворен простор, затоа што сакаме барем да ги спремаме претставите, ако ништо друго, па кога ќе заврши војната да играме на сцена“, вели Димитар Ѓорѓиевски, актер.

 

„Пробуваме со некои приватни проекти да излезиме пред публиката, но сето тоа се само некои протоколи кои што се фестивалски протоколи и кои многу тешко се остваруваат од приватници да кажеме“, додаде Димитар Црцороски, актер.

 

Актерите бараат експерите да изнајдат начини и можности како понатaму да може да функционира оваа уметност. Едни од предлозите се барем додека дозволуваат временските услови да се започне со претстави на отворено, а други пак се малку полиберални.

 

„Многу би било храбро да го кажам моето мислење дека веројатно и онака сите ќе се заболиме така да дајте сите да се опуштиме барем со уметноста. Во најголемите војни се случувало уметност на фронт. Но сакам да кажам јас да го предложам ова би било многу храбро, има луѓе кои се кревки со здрравјето, нив вирусот може да им биде смртоносен за разлика од здравите, за што исто немам доказ. Така што не сум паметен како и цел свет во моментов да одреди што е точно што е правилно“, вели Ѓорѓиевски.

 

„Предлогот е некако да ни дозволат да почнеме. Значи сепак и ние сме свесни дека во секој случај треба да се почитува дистанца, дека треба да имаме поголема хигиена и сето, но да се почне со работа, да ни дозволат, а после да ни ги кажат и протоколите кои се за да почнеме со работа“, потенцираше Црцороски.

 

Министерството за култура исто така се уште нема официјален став ниту околу тоа дали ќе се одржи театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ кој првично беше закажан во јуни, а потоа се презакажа во септември.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.