ВИДЕО – Хуманитарното здружение „Надеж за сите“ оставено без никаква помош и од општина Прилеп и од државата

Иако бројот на семејства во Македонија на кои им е потребна храна и облека рапидно расте, државата останува глува за барањата на хуманитарните здруженија кои секојдневно им помагаат на овие категории граѓани. Хуманитарното здружение „Надеж за сите“ од Прилеп, кое му има помогнато на околу 700 семејства во цела држава и кое дневно има по 40-тина повици за помош, цели 8 месеци моли од државните институции да им овозможат возило, канцеларии и магацински простор каде ќе јачуваат хранат и другите донации. Но залудно. Прво Владата ги одбила за возило, а пред неколку дена и Општина Прилеп ги одбила да им даде некоја државна просторија за магацин.

 

 

„Има премногу донации, има премногу семејства кои чекаат и на кои треба да им се раздели помошта. Нема каде да ги класифицираме донациите, нема каде да ја чуваме храната, транспортот исто така ни е проблем. Имавме состанок каде требаше да потпишиме меморандум, каде ни беше ветено магацински простор, државна кола, финансиски средства за транспорт за потребите на здружението, сето остана само тапкање по рамо и на крај со негативни одговори. Општината има простор, но не знам што е причината поради која не сака да ни излези во пресрет, а ние колку тоа со донатори ќе се снајдиме за фрижидери кои ни се потребни за храната“, истакна Билјана Глигорова, членка на здружение „Надеж за сите“.

 

Крајно се револтирани од ваквиот однос на иинституциите, бидејќи велат ние не бараме плата за нас, туку само услови за да можеме уште повеќе да помагаме на сиромашните семејства чиј број постојано растел.

 

„Се повеќе има социјално загрозени семејства што немаат никаква помош од државата, а камоли од некоја друга институција. Има се повеќе болни деца на кои им се потребни финансиски средства за нивни операции. Упатуваме апел, повторно и повторно и по незнам кој пат, да ни се приклучат сите поголеми фирми и поединци да ни помогнат во ова кризно време, во време на Ковид 19 кога многу семејства немаат буквално леб да јадат“, вели Васе Благадушоска, членка на здружение „Надеж за сите“.

 

 

Велат дека без никаква надокнада ја работат половина од работата која што треба да ја работат државни институции и пак се оставени сами на себе.

 

„Нашиов проблем да го земат во свои раце, колку толку да ни пружат помош, за да може ние повторно да функционираме. Доколку сето е негативно ние тука ќе застанеме и ќе го затвориме здружението“, додаде Глигорова.

 

Доколку навистина пак дојде до затворање на ваквите здруженија огромен број семејства ќе останат без храна, лекови и облека која секојдневно ја добиваат.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.