Еленче Ташкоска избрана за нов претседател на Советот на општина Прилеп

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа својата 46 седница, на која беа разгледани 49 прашања од интерес на граѓаните.

 

На местото на досегашните советници, Миле Талевски и Петар Ристески, кои се избрани за нови членови на Собранието на Република Македонија, Советот ги верификуваше мандатите на двајцата нови членови: Александар Чапкуноски од СДСМ и Кирил Ѓорѓиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Истовремено, на местото на Миле Талевски, за нов претседател на Советот на општина Прилеп беше избрана Еленче Ташкоска, од редот на СДСМ и коалицијата.

 

Новиот претседател на Советот на општина Прилеп, Еленче Ташкоска, рече дека и’ претставува голема чест, но истовремено и обврска што од денеска ќе го предводи општинскиот Совет.

 

„Изборот за претседател на Совет на општина Прилеп за мене претставува огромна чест, но и уште поголема одговорност пред граѓаните, Советот да биде место каде ќе се носат одлуки кои ќе го подобруваат животот на граѓаните. Во таа насока помина и 46 седница на која се разгледуваа 49 точки, кои што беа со цел подобрување на животот на граѓаните на општина Прилеп“, изјави Ташкоска.

 

Во своето обраќање пред членовите на општинскиот Совет, градоначалникот Илија Јованоски им се заблагодари на Талевски и Ристески за нивниот досегашен ангажман, а на новиот претседател и новоизбраните членови на Советот, им посака успешна работа.

 

„Пред се’, сакам да му се заблагодарам на досегашниот претседател на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, за одговорната работа која што ја вршеше во изминатите неполни 3 години и затоа што одлично и на високо ниво го водеше општинскиот Совет. Во оваа прилика му го честитам изборот за пратеник во Собранието на РСМ. Истовремено, благодарност и до досегашниот советник Петар Ристески, на кого, исто така му го честитам изборот за пратеник. Се надевам дека и двајцата ќе ги претставуваат интересите на граѓаните на општина Прилеп на адекватно, соодветно и високо ниво. На новоизбраната претседателка на Советот на општина Прилеп, Еленче Ташкоска, и’ честитам на изборот и и’ посакувам успешна работа. Убеден сум дека ќе одговори на предизвикот кој стои пред неа. Честитки и до новите двајца советници Александар Чапкуноски и Кирил Ѓорѓиоски“, истакна градоначалникот Јованоски.

 

 

На денешната седница, советниците дадоа согласност за Годишните планови за вработување во 2021 година на основните и средните училшта, како и на музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“.

 

Зелено светло добија и тримсечните извештаи за финансиското работење на јавните претпријатија „Водовод и канализација“, „Комуналец“ и „Пазари“, како и Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

 

Членовите на општинскиот Совет ја усвоија Програмата за измена и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Прилеп за 2020 година, а на 110 здруженија на граѓани, фондации и спортски клубови, им доделија финансиски средства согласно објавениот јавен повик.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи