„Микроманипулации“ – изложба на уметникот Владимир Здравески во Прилеп

На 27 август, четврток,  со почеток во 20.00 часот во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Микроманипулации“ од уметникот Владимир Здравески. „Микроманипулации“ e тематска изложба  од девет дела кои се последица на  истражување на микроскопски записи од разни органи  и други ситуации кои се дел oд микросветот.

 

„Причината за создавањето на делатa е предизвикот  да  извлечам некаква   микроситуација  од микро  во  макропростор. Навлегувањето  навнатре (се мисли на микросветот) и континуираното ширење ми  ја изместија перцепцијата за тоа што е големо и  мало,  далеку и блиску,  микро и макро, сето тоа заедно како еден флуид кој непрекинува. Секој  составен дел од  тој свет има своја посебна  намена и улога значајна за себе и за целината од која е дел. Исто така секој дел е понесен од  некаква  енергија за да ја врши таа функција, а истата таa eнергија е и нашата движечка сила. Па, така, во мојот случај решив дa бидам таа енергија и дел oд тие микроситуации да ги зголемам за да бидат видливи за човечкото око.

 

Конопот и јутата  кои сами по себе претставуваат груб и крут  материјал, сематеријали  кои често ги среќавав во мојот живот, бидејќи сум роден во град каде што често се користат за  тутунот. Долго време ги игнорирав  бидејќи ги  сметав за бескорисен материјал надвор од нивната функција. Овојпат  ми привлекоа   големо  внимание, особено заради нивната груба текстура и крутост. Голем предизвик ми беше  да ги искористам за да претставам нешто што е спротивно од нивните особини.

 

Исто така сметам дека човекот, одговорот за постоењето на непознатите работи често го бара околу него, со експерименти кои ја занемаруваат неговата природа како постоење, со слабо себеспознавање, многу ретко се осмелува да погледне „во  себе“, што е она  што е в онего и зошто е толку важно за тоа околу него и дека одговорот на многу прашања  би дошол од тука“, вели за изложбата уметникот Владимир Здравески.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.