Заев го достави до Собранието предлог составот на новата Влада

 

 

Зоран Заев денеска во Собранието го достави предлог составот на неговиот кабинет, две недели откако претседателот Стево Пендаровски му го додели мандатот за создавање на новата влада. Истата ќе биде составена од 19 министри.

 

Девет од предложените министри се старо-нови, односно беа дел и од претходната влада, додека осум министри првпат ќе седнат во министерските столчиња. Новата влада ќе има седум министерства помалку од претходниот состав, откако коалиционите партнери се договорија да нема министри без ресор.

 

„Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна Влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети: членство во НАТО и Европската унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со светската пандемија на коронавирусот и нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции“, кажа Заев.

 

Заев изјави дека новата влада ќе има неколку фокуси кои ќе бидат главно насочени кон домашната политика: ковид-кризата и последиците од неа, но и правосудството, економијата, образованието, економијата и екологијата, како и големи инвестиции во јавното здравство.

 

„Очекувам добра дебата и мнозинство за од следната недела да имаме нова влада. Во фокусот ќе ни бидат решавањата на домашните проблеми, ќе бидеме влада која повеќе ќе се фокусира да сработи дома. Приоритет ни е справувањето со ковид-кризата, здравството, економијата, образованието, економијата и екологијата. Борба за секое работно место и за опстојување на фирмите, проверка на имотот на парите на функционерите, прочистување на судството, посветеност на преговарачките процеси со ЕУ и екологијата“, рече Заев.

 

Зборувајќи пред парламентот, Заев кажа дека не е никаков проблем тоа што парламентарното мнозинство е сочинето од 62 пратеника.

 

„Меѓународната пракса, а богами и домашната пракса од 2017 година покажа дека со 62 пратеника се формира стабилна влада и не само стабилна, туку и подготвена за сериозни и храбри одлуки од интерес на граѓаните. И во многу други земји парламентарното мнозинство не е огромно“, рече мандатарот Зоран Заев.

 

Заев истакна дека очекува, претседателот на Собранието, Талат Џафери, да даде доволно време пратениците добро да се запознаат со предлог програмата, но и со биографиите на предложените кандидати, дека очекуваа квалитетна дебата во Собранието.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.