ВИДЕО – Тоалетите во ОУ „Лирија“ во с. Житоше со години се како сцена од хорор филм-државата глува и слепа

 

Тоалетите во основното училиште „Лирија“ во селото Житоше, во Општина Долнени, каде учат околу 300 ученици се наоѓаат на околу 20 метри надвор од главната училишна зграда. Едниот од тоалетите нема врата, а дригиот пак исто како и да ја нема. Во тоалетот каде има делимична врата, внатре буквално расте трева, просторот наликува на змијарник.

 

Во другиот тоалет, каде нема врата, има една импровизирана чешма, каде децата би требало да извршуваат хигиенски потреби, односно да мијат раце. До чешмата се наоѓа еден дел од тоалетот кој е комплетно руиниран и каде од една цевка постојано тече вода. Не се знае за какви хигиенски потреби би можел да служи овој дел. До таа цевка има два тоалети, т.н. чучњавци, кои се во катастрофална состојба и до кои нема спроведено вода. Над нив пак има огромни дупки на таванот, кој во секој момент може да падне кога некое дете го користи тоалетот. Кога врне внатре течи вода. Во вакви услови учат околуу 300 деца од ова училиште.

 

 

Овие сцени се навистина како од хорор филм. Во ваква средина неможе да се учи во нормални услови, а не пак среде пандемија на опасниот вирус Ковид 19. За оваа ситуација се обидовме да разговараме со директорот и дел од професорите кои предаваат во ова училиште, но иако зад камерите сите велат дека ситуацијата е катастрофална, тоа никој не сакаше да го каже јавно.

 

За жал за ова не сакаа јавно да зборуваат ниту жителите чии деца учат во вакви услови. За да зборува пред камерата се охрабри само еден жител кој подолг период живеел во Швајцарија.

 

„Јас сакам уште еднаш да ги прашам директорот, градоначалникот и министерот за образование дали и по дома во тоалетите тие имаат вакви услови. Па стока да врзеш во тоалетите ќе избега бидејќи страшно мириса, а не луѓе. Бидејќи е нечисто, кога одат во тоалет девојчињата замислете дел од нив чуваат стража на врата, бидејќи нема врати, а другите девојчиња пак вршат нужда од стоење, па тоа е абнормално. Ова да беше во Швајцарија вака, ни професор имаше да се види, ни директор, ни градоначалник, сите ќе влезеа во затвор“, рече Зекирија Јусифи, жител на село Житоше.

 

За став околу оваа ситуација се обративме и до градоначалникот на Општина Долнени, Џемил Ќамили, кој телефонски ни истакна дека запознат бил со проблемот, и дека ќе се потрудел тоалетите да се уредат во најбрз можен рок.

 

„Оваа ситуација не е од вчера, туку се работи за децениски проблем. Ситуацијата со дел од тоалетите е ваква и во други училишта во општината. Ние како локална самоуправа за жал немаме доволно буџет и пари да ги реновираме сите училишта. Потребна е поголема државна помош за да се средат овие проблеми“, ни одговори градоначалникот Ќамили.

 

Инаку вакви катастрофални хигиенски услови во тоалетите имаат најголемиот дел од училиштата во Општина Долнени. Скоро сите тоалетите се наоѓаат надвор од училиште објекти. Засега никој не дава одговор ако започне школската година со физичко присуство на учениците, дали децата ќе учат во училиштето во Житоше, но и во другите училишта каде условите за одржување на хигиена се вакви.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи