Познати протоколите за новата учебна година – максимум по 20 ученици во училница, маска и дезинфекција задолжителни

 

Донесени се протоколите според кои ќе се одвива наставата со физичко присуство во новата учебна година, која треба да започне на 1 октомври.

 

Министерот за здравство, Венко Филипче, ги соопшти протоколите за физичко присуство за училиштата. Работното време на училиштата ќе биде од 7 до 20 часот, задолжителна ќе биде дезинфекција на обувките и рацете, како и носењето маска. Исто така при влез ќе се мери и температура, а тие кои имаат покачена телесна температура нема да бидат пропуштени да влезат во школото.

 

„Наставниот кадар мора да се држи до 1, 5 метар дистанца, при влез ќе им се мери температура, исто како на учениците. Се забранува поздравување со физички контакт. Наставата се изведува со најмногу 20 ученици, на 1,5 метар раздалеченост. Кога има услови, наставата надвор, без маски. Првиот училишен ден ќе биде посветен само на упатствата. Употребата на тоалетите ќе биде контролирана. Оброк ќе се носи од дома“, рече Филипче.

 

Новата министерка за образование и наука, Мила Царовска истакна дека Настава со физичко присуство со сигурност ќе имаат учениците до 3 -то одделение, а за сите останати, вклучувајќи ги и средните училишта, директорите ќе треба сами да достават барање дека нивното училиште има можност да ја одржува наставата со физичко присуство. Барањата треба да бидат доставени до 10 септември, а Државниот просветен испекторат и Државниот здравствен испекторат ќе ги разгледаат истите и ќе одлучат дали училиштето може да обезбеди безбедна настава со физичко присуство.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.