Со крвна плазма досега се третирани околу 70 пациенти – расте бројот на донори

 

 

Секојдневно се зголемува бројот на донори кои сакаат да им помогнат на пациентите кои во моментов се заболени со ковид-19. Со крвна плазма досега се третирани околу 70 пациенти, информира министерот за здравство Венко Филипче.

 

„Сите излекувани пациенти можат да даруваат конвалесцентна плазма и да спасат човечки живот. Да бидеме хумани и да ја покажеме нашата човечност“, вели Филипче.

 

„Моментално Институтот за трансфузиона медицина располага со 16 единици конвалесцентна плазма спремна дококлу се појави потреба за третман на пациент“, соопштуваат од министерството за здравство.

 

Крвна плазма можат да даруваат само излекувани пациенти од коронавирусот.

 

  • Да имaат документиран лабораториски доказ дека биле болни од ковид-19
  • Да имаат два негативни теста во рок од 24 часа
  • Да се минимум 21 ден без симптоми, по што ќе се направи дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус.
  • Машки дарители или женски дарители кои не раѓале или се негативни на HLA антитела.

 

Постапка за дарување на плазма се вика плазмафереза и се изведува со високо софистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надокнадува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години со телесна тежина поголема од 60 килограми кој ги исполнува горе наведените критериуми. Тие треба да се пријават преку електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот за трансфузиона медицина, достапен на следниов ЛИНК.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.