За две и пол години државата потрошила осум милиони евра за купување службени автомобили

 

 

8,1 милиони евра наши пари потрошиле државните институции во последните две години за да набават 392 нови патнички автомобили, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

 

Најскапото возило го купила Општина Струга „Ауди 6“ кое чинело 66 илјади евра. Најмногу пак нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „Пасати“ по 39.000 евра секој.

 

Дури една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30.000 евра, а просечната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра.

 

„Конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила речиси и да не постоела. Дури на 71 отсто од тендерите имало само по една понуда и покрај големиот број дистрибутери на нови возила во земјава. Ова го отвора сомнежот дека државните институции доминантно си купувале такво возило какво што сакале“, се наведува во соопштението на Центарот за граѓански комуникации.

 

Испаѓа дека функционеите најмногу сакаат Шкода и Фолксваген. Безмалку половина од новите возила се од овие производители. Меѓу Флоксвагените омилен е Пасатот е меѓу Шкодите Октавијата.

 

Анализата ги опфаќа само патничките возила, а не и комерцијалните, односно товарните, транспортните и техничките возила.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.