ССК бара итни нови сет мерки за спас на економијата – Владата ветува државна помош

 

Таргетирана помош за оние на кои им е најпотребна , борба со сивата економија, борба против корупцијата и намалување на парафискалните давачки кои во некои случаи се поголеми од даноците, беа главните барања на Сојузот на стопански комори на денешната официјална средба со претседателот на Владата и економскиот тим.

 

„Во следниве неколку месеци приоритет е директната таргетирана финансиска помош, која  е неопходна за опстојување на фирмите и покривање на основните месечни трошоци. Секако тука спаѓа и одложувањето или репрограмирање на кредитите, аконтациите за даноци и другите финансиски оптоварувања минимум до крајот на годината“, истакна Даниела Арсовска, претседател на Комората.

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев рече дека за малите и средни претпријатија државата е тука кога треба да се подаде рака и да биде најдобар сервис на граѓаните. Една од првите грижи на владата како што рече Заев  ќе биде и спречувањето на отпуштањата на вработените од страна на работодавачите по завршување на мерката што ја нудеше државата за зачувување на работните места.

 

„Бројките на отпуштени работници неприродно пораснаа од 12-13 илјади на 22-23 илјади, а по некои статистики и на 30 илјади невработени кои што се случија во овој период, но не се 140 илјади. За нас е важно секое работно место и затоа треба да знаат деловните луѓе дека државата продолжува да помага. Сакаме да им се најдеме, но не можат да очекуваат директна помош и поддршка ако не водат грижа за својот највреден капитал, а тоа се работниците“, изјави Зоран Заев.

 

Заев рече дека следните пакети на мерки ќе бидат дефинирани единствено во разговори со коморите и синдикатите, со цел да има општествена оправданост на мерките. Вети дека до крајот на мандатот парафискалните давачки ќе се намалат и до 75%.

 

Инаку сите комори апелираат на побрзо носење нов сет мерки, бидејќи веќе 2 месеци немаат никаква помош, а голем дел од компаниите трпат загуби или престанаа да работат.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.