Притвор за тројца жители на с. Дебреште кои пренесувале дрога

Основното јавно обвинителство Прилеп поведе постапка против три лица, сите од село Дебреште, поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

 

„Првоосомничениот неовластено заради продажба организирал пренесување, а второ и третоосомничениот неовластено заради продажба пренесувале наркотична дрога хашиш во количина од 14.472,8 грама спакувана во една најлонска вреќа и наркотична дрога марихуана во количина од 31.147,4 грама спакувана во три најлонски вреќи. Откако претходно првоосомничениот ја набавил наркотичната дрога од непознато лице, му кажал на второосомничениот од каде да ја подигне за да ја пренесе до м.в. Песјо Брдце-Прилеп, каде што требало да се изврши купопродажбата на наркотичната дрога. На  04.09.2020 година второосомничениот заедно со третоосомничениот ја подигнале дрогата и ја ставиле во возило во сопственост на третоосомничениот, по што околу 20,30 часот пристигнале на договореното место. Третоосомничениот ги извадил четирите вреќи со наркотичната дрога и ги ставил покрај патот, а второосомничениот се упатил кон комбе кое претходно било паркирано  во кое сметал дека се наоѓа купувачот на дрогата, при што бил пресретнат и фатен од страна на овластени полициски службеници“, соопштуваат од Јавното обвинителство.

 

Во насока на обезбедување непречено одвивање на кривичната постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп  до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничените. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничените им определи притвор во траење од по 30 дена.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.