Затварањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на коронавирусот Ковид-19 ја предизвика најдлабоката индуцирана рецесија на Македонската економија, пришто БДП во вториот квартал од 2020 се намали за 12,7 отсто, се вели во најновиот квартален „Макроекономски монитор” на Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think”.
„На производната страна, падот е најголем кај индустријата (-25,3 отсто) и трговијата, транспортот и угостителството (-23,4 отсто), при што индустријата и транспортот се намалија главно поради ограничената меѓународна трговија и отежнатото движење, додека трговијата и угостителството страдаа од наметнатото затворање и воздржаност од потрошувачка на неесенцијални добра и услуги.
На расходната страна, ефектот од индуцираната контракција и ограниченото движење е видлив кај падовите на извозот (-25,6 отсто), увозот (-31,3 отсто) и инвестициите (-29,6 отссто), а падот на потрошувачката е поблаг (-12,7 отсто)“, се додава во анализата.
Невработеноста во вториот квартал од 2020 се зголеми за првпат по 15 години, на 16,7 отсто од претходните 16,2 отсто, но се нагласува дека сепак растот е помал главно поради мерката за субвенционирање на плати која вкучуваше одредба за задржување на бројот на работици за време на користењето на мерката и два месеца по нејзиниот престанок.
Помеѓу двата квартала, најмногу работни места, односно 12.000 или 24.2 проценти, се изгубени во дејноста транспорт и складирање.