ВИДЕО – „Леарницата“ која Османлиите никогаш не ја пронајдоа – чувар на борбата за слобода

Поседувањето на оружјето отсекогаш во историјата одигрувало значајна улога во добивањето на војните. Според историчарите тоа не било само техничка туку и психолошка потреба, затоа што секој оној кој поседувал повеќе оружје се чувствувал помоќен и посилен за да се впушти во било каква борба со непријателот. Тоа не било ништо поразлично и во Крушево за време на подигнувањето на Илинденското востание.

 

 

Оружјето се набавувало на разни начини, на почетокот тоа било дури и малку стихијно, неорганизирано, се увезувало од странство, најчесто од Грција или Бугарија, а дел дури и се крадело од муслиманското население кое го поседувало. Според одредени податоци со процесот на организиран начин на собирање на оружје за Илинденското востание се започнува некаде во 1897 година, односно 6 години пред востанието.

 

 

Но кога и купување на оружјето и муницијата не биле доволни, се започнува и со самостојно производство во Крушево во неколкуте тајни леарници во градот. Една од нив е и оваа на Косту Лапе, која никогаш не била откриена, таа не била откриена дури ниту кога завршува востанието и Крушево повторно е во рацете на Османлиите.

 

„Оваа леарница која се наоѓа на периферијата на градот, била маскирана како бојаџилница и не била откриена до крајот на востанието. Во ова место се лееле куршуми, се поправало старото оружје. Леарницата била под водство на интелектуалната група на Наум Томалевски, Стерју Блажев, Атанас Поп Христов и други. Оваа куќа е реновирана во периодот од 1998 година до 2003 година. Во 2003 година е свечено пуштена во употреба по повод 100 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република“, истакна Цветанка Ќосе, кустос историчар.

 

Oружје низ градот се разнесувало на доста итар начин, преку криење на истото под женските носии, или пак скриено во лебот кој жените наводно го носеле да се печи на фурна. Во оваа леарница тајно се носело и олово, кое се собирало по куќите, потоа тие оловни предмети се топеле во вакви садови и се правеле зрната за муницицијата кои што потоа се ставале во куршумите, односно чаурите.

 

„На пример жените на векни леб го ставале оружјето и куршумите или ги носеле редениците во појасите и ги носеле токму во оваа подрумска просторија и му ги давале на мајсторите Ставре Борјар и Митка Манак. Во оваа подрумска просторија имаме една импровизирана леарница и импровизирана наковална каде се извршувале сите ковачки работи, обработката на старите орудија и леењето на куршумите. Ова е мев, со него се распалувало огништето кое било потребно за топење на оловото. Откако ќе се стопело оловото се ставало во специјални калапи, наречени кокили. Со едно полнење од оловото се добивале по 2 оловни зрна“, рече историчарката Ќосе.

 

„Обично оловото го собирале од по куќите и го топеле бидејќи немало од каде да се купи олово, туку собирале оловни работи и го топеле оловото и ги лееле куршумите во посебни калапи. Инаку оваа куќа е на Косту и Пашка Лапе, тие се мои прадедо и прабаба. Косту Лапе е загинат на битката на „Слива“. Тие биле бојаџии и покрај бојаџилукот постоела и леарницата, бидејќи кога турале дел од оловото кое се турало, го мешале заедно со бојата што бојадисувале и така оваа леарница останала тајна и не ја откриле Турците“, вели Лекса Прес, друг соработник за работа со посетители. 

 

 

 

Во долниот дел на леарницата се чуваат повеќе ваквии оловни зрна и реденици од илинденскиот период.

 

Едно од поинтересните оружја кои се употребувале во тој период е секако и т.н. „Црешово топче“ кое дури и денес привлекува големо внимание. Креатор на тоа т.н. „Црешово топче“ е војводата Тодор Христов, оној кој што го прави планот за напад и завземање на Крушево, а топчето прв го изработува Тоду Борјар. Едно ѓуле кое се употребувало за овие топчиња се чува во оваа леарница. Топчиња кои се употребувале во востанието била правени во Крушево, селото Селце, а неколку и во Бигорскиот манастир. Должината им била од 80-150 сантиметри, тежината од 20 до 70 кила

 

Позади мене на оваа фотографија е Тоду Борјар, главниот пушкар и инструктор за правење на Црешовото топче. Под негова ингеренција е изработено Црешовото топче, а него му помагале Ставре Борјар и Митко Манак. Црешови топчиња покрај во селото Селце биле изработени и во Крушево. При една средба во куќата на Никола Карев присуствувале војводата Цветко Стојчев и Никола Киров Мајски. Никола Киров Мајски на војводата Цветко Стојчев, кој бил од селото Селце, му дава задача да се изработи Црешово топче, бидејќи селото Селце изобилувало со црешово дрво. Цветко Стојчев со воодушевување ја прифаќа таа идеја, изработил Црешово топче, но бидејќи при првата проверка на месноста Гумење тоа се распрснало, Тоду Борјар му ставил железни обрачи и така Црешовото топче било спремно за да се користи во битката кај „Слива“. Црешовото топче кое денес се наоѓа во Аскери музеј во Истанбул е токму топчето од битката кај „Слива“ и е дело на Тоду Борјар. Покојниот професор Ванчо Стојчев при една посета на Аскери музеј го видел топчето и со договор помеѓу тогашната влада на Република Турција и Република Македонија се договараат Црешовото топче по повод 100 годишнината од Илинденското Востание и Крушевската Република да биде донесено тука во Крушево. Беше положено одреден временски период во споменикот „Илинден“ и одредено време во музејот на град Скопје, но бидејќи тоа е трофеј на победа на Османлиите во Илинденското востание тоа требаше да се врати во Аскери музеј и ден денес се наоѓа во Аскери музеј во Истанбул“, истакна Цветанка Ќосе, кустос историчар.

 

 

Во горниот дел на леарницата се чуваат повеќе пушки и пиштоли кои се употребувале за време на востанието. Голем дел од нив се најдени кај месноста Слива, каде се одигрува една од најзначајните битки за Крушево, потоа истите се реставрирани и поставени тука.

 

„Леарницата поседува поголема збирка на оружје, дел од ова оружје е најдено во битката на „Слива“. Во Македонија единствено се произведувале пушки во Тетово и ги викале „Тетовки“, а инаку оружјето се носело од надвор, од странство, обично го пренесувале во вреќи од жито и тајно се пренесувало оружјето. Овие пушки се од австриско, француско и американско потекло. Комитите исто така се служеле и со заробени пушки од Турците. Се снаоѓале, дел од Организацијата собирала и пари за да купи оружје, така што повеќето од оружјето се купувало со пари и се пренесувало од другите држави“, рече Лекса Преш, друг соработник за работа со посетители.

 

 

 

Пушките и пиштолите ги има од најразлични периоди, од оние најстарите пиштоли, т.н. кремењачи, па се до најновите модели за тој период.

 

„Се наоѓаме пред изложбениот простор каде се наоѓаат кремењачите, пиштоли кои ги користеле обично Турците. А долу се рачно изработени капислари, каде се чувале капислите кои се употребувале за овие пиштоли“, додаде Преш.

 

„Ова е пушката Штаер – Манлиихер со која што ракувал Никола Карев и модел на неговиот пиштол. Значи Никола Карев ги поседувал оваа пушка и овој пиштол. Тоа се негова сопственост“, рече Преш.

 

Со целата своја приказна и уникатните експонати „Леарницата“ во Крушево е еден од најпознатите музеи во овој град, поврзана со неговата славна историја и која секоја година привлекува голем број посетители.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.