Еколошка катастрофа: Јаловина од рудникот Саса се излеа во Каменичка Река

Facebook
Twitter
Email
Print

 

 

Утрово околу шест часот истекле јаловишни води од рудникот Саса во текот на Каменичка Река, поради дефект на едно од јаловиштата.

 

Од рудникот Саса потврдуваат дека имало истекување, но сега состојбата е нормализирана.

 

„Денеска, околу шест часот, се случил дефект на насипот на јаловиштето број 4 на рудникот Саса, предизвикувајќи краткотрајно истекување на јаловишни води во локалниот речен тек. Набргу по дефектот истекувањето е запрено и состојбата е нормализирана.

 

Професори од рударскиот факултет во Штип и градежниот факултет во Скопје, заедно со стручни екипи на компанијата, отпочнаа детална истрага за да ги утврдат причините за инцидентот.
Првичните резултати од истрагата покажаа дека дефектот не претставува закана за здравјето и безбедноста на вработените во рудникот и на жителите во неговата околина.

 

Дополнително, постапувајќи согласно одредбите од Законот за заштита на животната средина и правилата од А-интегрираната еколошка дозвола, за настанот се известени и сите надлежни институции на државно и локално ниво“, се наведува во информацијата испратена од рудникот Саса.

 

Според проценките на жителите и риболовците излеани се околу 3.000 метри кубни јаловина, кои потоа одат во езерото Калиманци, од каде се наводнуваат сите полиња на источниот регион, а од реката Брегалница вода за пиење добиваат неколку општини од овој регион.

 

Од риболовното здружение „Шаран“ чии членови први излегле на терен, земени се мостри од присуството на јаловина во водите на Каменичка Река кои ќе бидат препратени до надлежните на испитување.

 

„Она што е очигледно е дека има помор на риби во реката, а дополнително ќе утврдуваме дали тоа е случај и на Калиманско езеро“, истакнаа од здружението.

 

Инаку јаловина е отпадната вода која се добива од производството на олово-цинковиот концентрат во рудникот.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи