Маричиќ: Попис во април 2021

 

 

Ќе се преброи ли Македонија и дали конечно ќе знаеме колку луѓе живеат тука? Министерот за правда Бојан Маричиќ уверува дека пописот е една од главните определби на новата Влада.

 

Според Маричиќ до крајот на годинава ќе се донесе Законот за попис, а операцијата би требало да се изврши во април догодина.

 

„Постои цврста определба и коалициски договор за спроедување на пописот идната година, тоа е дел од коалицискито договор меѓу СДСМ и ДУИ и тој закон беше доставен во Собранието пред изборите, остануваме како влада, повторно го предолживме во собраниска проедура, ќе има определени измени во роковите, бидејќи оригинално кога беше предложен требаше да стапи на сила година дена откако ќе биде донесен, сега веќе немаме време за толку чекање бидејќи за година дена од сега ќе бодат локалните избори. Определба на Владата и заводот за статистика е тој попис да се спроведе пред локалните избори така што верувам и ќе работиме на тоа во наредниот период до крајот на годината да се донесе тој закон за да може во април 2021 година да се спроведе пописот“, вели Маричиќ.

 

Пописот на населението, кој требаше да се одржи во април годинава, беше одложен поради предвремените парламентарни избори. И најавите по одложувањето беа дека тој ќе се реализира во април следната година.

 

Последниот попис во земјава се реализира во 2002 година, по воениот конфликт. Во 2011 година имаше обид за спроведување попис, ама попишувањето беше прекинато со одлука на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. За овој случај СЈО отвори и предмет, со кој беа опфатени лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.