ВИДЕО – Димитров: Ако ЕУ дозволи македонскиот јазик да биде пречка за евроинтеграција, како ќе веруваме во таква Европска Унија

 

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


Без масовни собирања и со почитување на многубројни протоколи денеска во Прилеп се одбележаа 79 години од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор.  Чествувањето започна со положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, потоа Алејата на Великаните, споменикот Жена Борец и Криптата на Могилата каде почиваат останките на над 600 партизани. Владината делегација ја предводеа вицепремиерот за европски прашања Никола Димитиров и министерката за образование Мила Царовска.

 

 

Според вицепремиерот Димитров како внуци и правнуци на илнденците и асномците ние како генерација нив им ја должиме нашата државност. Државност која сега била стабилна поради членството во НАТО, а следната задача на нашата генерација била европскиот начин на живот да го донесеме дома преку пристапниот процес.  Во однос на ултиматумите кои моментално ги поставува Бугарија како услов за почеток за преговорите со ЕУ, Димитров рече дека би било не европски доколку нашиот јазик стане пречка за ЕУ. И додаде дека никој нема право да се меша во нашето право на самоопределување.

 

Ако Европската Унија дозволи на некој начин ова да биде пречка тогаш нема да ја заслужи придавката за своето име европска и незнам дали ќе можеме да веруваме на таква Европска Унија. Сите кои сакаат да му бидат блиски и пријатели на македонскиот народ мора да не прифатат кои сме и каков јазик зборуваме, а ние зборуваме македонски јазик. Ниту една друга држава ниту соседна, ниту подалечна, па ниту меѓународна организација нема право да се меша во нашето право на самоопределување. И процесот кој што го започнавме со Бугарија, разговор за наративите од заедничкото минато кое не поврзува мора да има и прифаќање на реалноста. Историјата не можеме да ја смениме, сегашноста можеме, можеме да обезбедиме подобра иднина“, истакна Никола Димитров, вицепремиер за европски прашања.

 

Почит во Прилеп денеска оддадоа и делeгации на Министерството за одбрана, претставници  на Собранието, претставници на странски амбасади, политички партии и граѓански здруженија како и на Сојузот на борци на Прилеп, од каде рекоа дека партизаните се континуитет на илинденците и дека тие се бореле за создавање на македонска држава. Според нив апсурдно е некој да бара промена на нашата историја.

 

И од мојата фамилија се бореа за незасвисна и слободна Македонија во состав на една поширока заедница. Значи се бореа за Македонија, за македонска држава. Историјата е историја, таа не може да се менува, учесниците во НОБ се учесници во НОБ, Могилата не може да смени, тука има закопано над 600 мина“, истакна Круме Соколоски, претседател на организација на борци од Прилеп.

 

Од 66 народни херои во Македонија 15 се од Прилеп. За време на НОБ загинале 650 прилепчани, токму затоа во 1975 година Прилеп е прогласен за Град херој.

 

Долговековниот сон и стремеж на македонскиот народ да има своја самостојна, независна држава, продолжи токму на овој ден 11 Октомври 1941 година и токму во Прилеп. Прилеп е град на непокорот, Прилеп е град на пркосот“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Овој ден е прогласен за Ден на народното востание во 1945 година од страна на Президиумот на АСНОМ, чиј претседател бил тогаш Методија Андонов Ченто.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи