ВИДЕО – Универзални диети или персонализиран план на исхрана?

Интервју со нутриционистот Викторија Илиоска.

 

 

ДИЕТА или ПЛАН НА ИСХРАНА? Која е разликата?

 

ДИЕТА, доколку е непрофесионална односно без нагласено потекло или автор, генерална диета (за сите луѓе иста) асоцира на гладување и некаква рестрикција / забрана. После истата луѓето најчесто се исцрпени, добиваат уште поголем нагон за храна, или спротивно на тоа добиваат аверзија кон храната, имаат јо-јо ефекти и често и нарушена здравствена состојба. ПЛАН НА ИСХРАНА, од другата страна е еден ИНДИВИДУАЛЕН и пред се безбеден пристап на секој човек засебно. Јас лично, со клиентите работам  преку детален пристап стартно со возраст, пол, антропометриски и биохемиски испитувања, потоа и со детален прашалник за нивниот начин на живот, здравствена состојба, физичка активност, преференции кон храна, време со кое располагаат, терапии доколку ги примаат и многу други детали кои се бележат и дискутираат и темелно земаат во предвид пред изработка на планот за исхрана.

 

Какво значење има ИНДИВИДУАЛНИОТ пристап кој вие го применувате?

 

Индивидуалниот пристап за кој зборуваме, всушност е со суштинско значење за:

 

–  Пред се, да се постигне целта која ја посакува клиентот.
–  Значајно е за да се подобри односно да не се влоши здравствената состојба на клиентот.

Пример, не би требало на клиент со здравствено нарушување дијабет тип 2 да му се предлагаат исти количини и вид на храна отколку на здрав човек, иако и кај двајцата целта е ИСТА- намалување на телесната тежина, постои ризик за претерано опаѓање на гликозата во крвта и настанување на ред други компликации доколку пристапот е ист. Исто така, клиентот со генерален пристап нема да успее да постигне регулирање на дијабетот, држење под контрола на гликозата во текот на сите мерења во денот и со доволно упорност и до одобрување од докторот за намалување на дозите на инсулинска или орална терапија поради достигнување понапредна регулација на крвниот шеќер со исхраната.

 

 

 

 

Исто така не може на еден спортист кој наутро трча, а попладне вози mount bike, да му се препорачаат исти намирници како кај клиент кој боксува или крева тежина.  Кај луѓе со висок крвен притисок, автоимуни заболувања, анемични луѓе, луѓе со стеснат желудник (каде се внимава на различни количини и време на џвакање на храната..) секаде си има момент на кој мора да се внимава и затоа индивидуалниот пристап е пред се безбеден, а потоа и долгорочен и има и улога на создавање на комфорт и доверба на клиентот.

 

Исто така, преферирам и да ставам акцент на преференции на вкус и избор на храна на клиентот затоа што пред се целта е клиентите да уживаат во процесот на една селф-трансформација и менување животен стил.

 

За што поконкретно луѓето можат да побараат изработка на индивидуален план за исхрана кај вас?   

 

Кога би зборувале многу едноставно, храната е внес на живот во нашите тела и внес на енергија. Што внесуваме од храна преку устата, тоа ќе се рефлектира подоцна на нашата кожа, нашата ведрина, расположение, енергија и здравје. Така да, секој човек кој сака да постигне цел поврзана со неговиот изглед, здравје, благосостојба, расположение, начин на живот, може секогаш да си закаже консултација во врска со начинот на исхрана.

 

 

 

 

 

 

Кога би зборувале поконкретно, станува збор за планови на исхрана генерално поделени на неколку основни групи и тоа за – регулација на телесната тежина, регулација на различни здравствени состојби, персонализирано мени за спортски активни луѓе, тука се и двете успешни соработки со стручни лица од друга област, каде клиентите имаат можност за персонализиран план на исхрана во соработка со фитнес и пилатес инструктор (вежбање поткрепено со план за исхрана), и тука е пакетот за стручна психолошка поткрепа во текот на планот на исхрана, каде клиентот има можност да води тековни разговори со стручно лице, психолог во текот на самиот план на исхрана за да се надминат сите потешкотии поврзани за истиот, особено корисно за клиенти кои подолго време се борат со својата нарушена здравствена состојба, или зголемена/намалена телесна тежина.

 

 

 

Секогаш нудиме опции за непречена онлајн соработка, каде со клиентите без проблеми преку телефон и социјални мрежи, консултации и по потреба видео разговори, следиме целосно состојба, комуницираме и работиме со одлични и непречени резултати.

 

#ДаГоИзедешОдСлика e вашиот моментален проект. Како се создаде идејата за овој наслов и проект?

 

Постојано се трудам во текот на работата да воведам проекти со кои можам и пошироко позитивно да влијаам и помогнам на луѓе кои на било каков друг начин, освен план на исхрана, би им било потребно да слушнат, научат или интерактираат  на теми или активности поврзани со здравата храна, нутриционизмот како наука и сл.

 

Долго планиран, а конечно реализиран е проектот #дагоизедешодслика, поентата на овој проект пред се ми беше ПОТТИКНУВАЊЕ НА МОТИВАЦИЈАТА за готвење и користење на здрави намирници кај луѓето. Освен теоретски, сакав СЛИКОВИТО да влијаам врз луѓето и да ги ‘’застрвам’’  на некој начин со голем дел од подготвените рецепти на сликите. Рецептите се креирани од мене, се користат во плановите на исхрана на клиентите во NutriVI club, тие се здрави и нутритивно балансирани рецепти и направивме  една фото-сцена која ќе биде доволно привлечна за луѓето да го засакаат рецептот уште од самата слика.

 

 

 

 

 

Сакам луѓето да почнат да практикуваат  здрава храна во своето секојдневие, да не ја гледаат како нешто посебно и да увидат дека истата може да се подготви на многу вкусен, лесен и креативен начин.

 

Што најмногу ве загрижува, а што најмногу ве поттикнува во вашите искуства со клиентите?

 

Најзагрижена сум за жал за се почестите нарушени здравствени состојби кај младите луѓе кои се обраќаат за план на исхрана и тоа меѓу 25 и  35 години.. се почести се состојби како хипогонадотропна аменореа, тироидна дисфункција, малнутриција, метаболен синдром…сето тоа преку анализите и статистиките е најверојатно пред се поради денешниот брз начин на живот, живот со будење и заспивање покрај екрани, многу намалена физичка активност или од друга страна претерана физичка активност без доволно внимание на начинот на исхрана, преголема употреба на брза храна, намалена употреба на традиционална кујна и едноставно ставање на мал акцент на начинот на исхрана и неговата важност.

 

 

Но сепак, сум многу позитивна, затоа што свеста континуирано расте, луѓето значително повеќе се интересираат за темелно грижење за себе и воедно ја вреднуваат улогата на видот на храна во нивниот живот, начинот на комбинирање на истата и најголема радост е кога истите промената на стилот на живот ќе ја направат превентивно, а не поради веќе настанат проблем!

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи