ВИДЕО – „Денот на село не се знае ниту кога почнува, ниту кога завршува – единствено време за одмор е ручекот“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

 

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


Соња Пусоска од селото Свето Митрани, кое спаѓа под Општина Крушево е една до големиот број жени земјоделки во Пелагониско. Заедно со сопругот и фамилијата одгледуваат 40-тина кози и имаат засадено 9 декари тутун. Има двајца синови, еден 19 години, а другиот 7 и една помала ќерќичка која има 3 години. Вели дека животот на една жена на село е далеку поразличен од оној на жената во урбаните средини. На шега вели кога во градот се легнува, на село се станува по работа.

 

 

„Почнува со тутунот некаде околу 3 – 3:30 часот се стануваше, се одеше на тутун, се береше до кај 8, 8 и половина зависност од бербата, раката, одевме двајца, јас и сопругот. Поголемото дете остануваше дома со децата, пошто се занимаваме и со козарство, одгледуваме кози, тоа ги молзеше козите, ги средуваше. Па си идевме ние околу 9 часот заради децава. Потоа се знае, обврските околу куќата, работата околу тутунот, да се нанижи, низи да се спружат, балина ако има да се собера, тоа е работата во селото и на жената“, вели Соња Пусоска, земјоделка од село Свето Митрани.

 

Годинава очекувале 1,5 тони на тутун, но поради лошата година среќни ќе бидат ако извадат 1 тон.

 

„Претежно двајцата ние работиме сами, трактор немаме, сето оди во плаќање, во помош, се заменуваме со други фамилии. Многу е тежок да се работи, од март месец се почнува, се припремаат леите, се сее, па потоа се плеви, па садењето, берењето, пеглањето, цела година од март до декември си обврзан кон тутунот“, рече Пусоска.

 

Освен тутунот друг главен приход им се козите, односно производството на млеко и сирење од нив. Најмногу произведуваат сирење, за кое што имаат постојани купувачи и немаат проблем со пласманот.

 

„Имаме редовни муштерии, со нив си соработуваме откако почнавме со козите, имаме и нови муштерии што се јавуваат, така да со сирењето немаме проблем. Некои што си имаат побарувачка и за млеко, се доставува, тоа е со козите. Од дома, си имаме постари муштерии откако почнавме да ги чуваме козиве, си имаме редовни. Значи си порачува од мај месец, јуни, кога ќе почнат да се молзат, си имаме муштерии кои се јавуваат дека им треба канта, кило, две, зависно од можностите на луѓето. Премногу е барано, до лани, а и годинава веќе не можевме да стасаме и пак не можеме. Сега се во тек на намалување со млекото, но побарувачката на козјото сирење е гомела. Сирењето го прави газдата, сопругот, тој е задолжен. Јас со обврските околу домот, тој се задолжи да биде со сирењето. Тој го прави, а продажбата ни е заедничка, кога тој, кога јас, зависи од можностите кој може да појди до Крушево до пазар, или ако е од дома, а повеќето е од дома, тука сите сме заедно, нема поделба на мое и твое, сите сме заедно“, додава Пусоска.

 

Пусоска вели дека денот во село не се знае ниту кога ќе почне ниту кога ќе заврши. А за одмор, малку потешко.

 

„Завршува некаде навечер околу 22 часот, кога ќе почнат еден по еден да заспиваат, тогаш завршува. Последно млекото го досредуваме, се молзат навечер и козите и навечер правиме сирење. Така да мора да почекаме да стаса, да го исцедиме, да го средиме, да дојди до финален производ на сирење. Така да некаде 22, 23 часот не фаќа навечер. Дури нижевме тутун и покасно, бидејќи се береше и на одручек кога имавме можност, се береше нон стоп, така да денот во село не се знае ни кога почнува, ни кога завршува. За одмор време за ручек, тоа е времето кај нас, ручекот кога ќе стаса се собираме и тоа е“, вели Пусоска.

 

Пусоска веќе 4 години е регистрирана како самостоен земјоделец, иако со земјоделие се занимава откако знае за себе. Вели дека сепак државата треба повеќе да им помага на жените од руралните средини, со повеќе програми и финансии.

 

„Еве сега е време на сеидба, ние мора сето тоа од свој џеб да го платиме, некој да свикаме со трактор, за орање, за сеидба, па и за тутун, како што кажав садиме поголема количина, повеќе декари и мора некого да фатиме, а сето се чека од тутунот. Козиве се привремено, тие после јануари, февруари имаат мали козиња, не се молзат. Два пати имаме аплицирано за трактор, не е добиен. Образложение немаше, само дека документите се во ред, обидете се повторно, но немаше повторно. А ни требаат и други работи за осовременување, за сирење, од лактофризери, некои си корита, ни треба доста механизација, претежно за млекото да биде по европски стандарди“, истакна Пусоска.

 

Исто така жените од руралните средини, иако се регистрирани земјоделки немаат право на користење на породилно отсуство.

 

„Сите три се родени во работно време, најмалава сред тутун, во јуни месец, така да после 6 недели, 40 дена јас морав да одам и на тутун, немаше кој. Сама е оставена од малечка во количка и до ден денес таа е в количка, сама не чека дома. Таа ни е домаќинка, сама оставена, но мора така, нема кој да се грижи за неа, поголемово дете си оди со козите, другово и тоа е мало, не можи да ја чува, така да сама си е таа“, кажа Пусоска.

 

Токму на оваа тема, права и пристап до услуги на руралната жена ЛАГ АГРО ЛИДЕР правеше испитување кај 400 жени од Општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, со кое се утврди немањето на голем број права кај овие жени.

 

„ Она што би сакале да го детектираме е дека жената од руралната средина се уште се соочува со ограничен пристап до услуги, во однос и на социјална и на здравствена заштита, недоволна информираност, недоволно менторство за претприемништво. Оваа година беше актуелна мерката 115, насочена баш кон економско зајакнување на жената од руралната средина, кое што опфаќа грант од 3.000 евра за можност на жените од руралните средини да се приклучат кон секундарни преработки, односно да преработуваат свеж зеленчук, овошје, или пак производи од животинско потекло. Жално е што информираноста беше мала, што укажува и на малиот број апликации, да се надеваме дека наредна година ќе се олесни аплицирањето и ќе биде подостапна оваа мерка. Дополнително, околу 85% од жените сметаат дека не ги уживаат истите права и еднаквост во руралните средини, за разлика од жените од урбаните средини. Тука се истакнува прашањето на недоволна инфраструктура, немање детски градинки во некои рурални средини, што дополнително ја отежнува состојбата на преоптеретенст на жената од руралната средина во продуктивната, репродуктивната и социјалната сфера. Доколку жените од руралните средини завршат добро образование, сепак не постојат работни места во руралните средини за кои тие би биле квалификувани“, изјави Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

 

Но и покрај сите потешкотии Соња никогаш не би го напуштила селото, а еве и зошто.

 

„Во село е подобро, јас мислам дека во село навистина сме оптеретени, но е подобро. Оној што сака да работи не му смета дали е во град или е во село, но сепак село си е село, имаме се. Во градот треба сето да го купиш, додека селото сето го има, од пиле, од јајце, тоа не го купуваме, го имаме домашно, чисто, здраво. Еве и млеко и сирење, додека во градот треба сето тоа да се набави, да се купи. Овде има и фамилии што си садат бавчи, значи во село се се сади, се си има, се се произведува, оној што сака да има, што сака да работи се си има“, нагласува Пусоска.

 

Пусоски ги оставивме во добро здравје и со желба за уште поголем усшех и бериќет во нивната работа.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи