Зграда се урна при земјотрес во Прилеп, пожар и голем број повредени – „Златоврв“ со нова спасителна вежба

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


Повод за денешниот разговор за порталот Инфо Компас со Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошката федерација на Македонија, но и раководител на спасителната служба „Златоврв“ од Прилеп, е одржувањето на третата по ред спасителна вежба која што ќе се случи во центарот на градот на 31 октомври.

 

 

Неданоски ова е трета по ред спасителна вежба која што ја одржувате во Прилеп, првата се случи на познатата тринаесеткатница каде можевме да видиме како реагира службата во случај на пожар на една зграда, а втората беше во природни услови, во месноста Шаторов камен. Што е она што ќе биде поразлично, што ќе може да го видат граѓаните на 31-ви овој месец?

 

Оваа година како што спомнавме ова ни е трета по ред спасителна вежба, која што ја покажуваме. Оваа ќе биде различна од останатите вежби, со тоа што првично како што знаеме сите и добро ни е познато каков резултат добивме од оваа епидемија од ковид-19, одлучивме да направиме спасителна вежба баш во центарот, бидејќи во реално време државните институции се преоптеретени со преземање на мерки и пронаоѓање план за успешна реализација за прекин на оваа епидемија, ние одлучивме да направиме спасителна вежба баш во екот на ова што ни се случува. Оваа година организираме различна вежба каде ќе бидат опфатени и останатите државни институции, како што се Министерството за внатрешни работи, Армијата, Дирекција за заштита и спасување, Итната медицинска помош, Противпожарната единица, како и Центарот за управување со кризи. Правиме симулација на пожар во бизнс центарот каде што мораме да дејствуваме заедно.

 

Дали веќе се знае како ќе изгледа комплетното сценарио на оваа спасителна вежба?

 

Веќе ни е обработен планот и описот на активностите за време на вежбата. Сценариото ќе биде опфатено со тоа што во случај на земјотрес половина од зградата веќе е урната, останатиот дел е во пожар. Тука дејствуваат сите државни институции како што кажав, полицијата го обезбедува местото, противпожарната единица дејствува кон оспособување да се изгаси пожарот, итната медицинска помош, тука сме Армијата, Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе помагаат во извлекување на повредените лица кои се затекнати и кои што се под рушевините и оние кои бараат помош горе на седми кат, каде ќе дејствуваме и со поставена жичара од зградата кон плоштадот и споменикот на Крали Марко, ќе биде поставена жичара каде во спасителни носила, спасителни марами и појаси ќе ги спуштаме оние лица кои ќе бидат горе.

 

 

Која е целта на оваа вежба и зошто баш одбравте да се случи во центарот на градот?

 

Затоа што вежбата ќе биде од помасовен карактер, ќе го вклучи нашиот високо професионален однос, пред се нели мораме да ги почитуваме сите мерки и да докажеме колку успешно дејствуваме кога сме сите заедно, државните институции, невладиниот сектор, останатите организации и како треба да направиме еден европски и светски систем на спасување, без разлика дали станува збор за урбана или рурална средина.

 

Колку време се подготвувавте за оваа вежба?

 

Па веќе се подготвуваме месец дена, каде што вежбаме, се координираме со државните институции, се со цел да биде што поуспешна и пореализирана оваа вежба.

 

Како што кажавте имаме голем број на државни институции кои ќе бидат дел од оваа вежба, тука нормално се и граѓаните кои ќе бидат во публика, кои сакаат да видат од прилика како функционира засега волонтерската служба на „Златоврв“ од Прилеп, но исто така да не заборавиме се наоѓаме и во време на пандемија. Како ќе се почитуваат сите тие мерки и протоколи кои се дадени за заштита од вирусот ковид-19?

 

Секако мора да ги почитуваме мерките предвидени од Владата на Република Македонија, затоа што се грижиме ние сите пред се безбедноста на сите нас, за граѓаните и сите оние кои ќе присуствуваат и ќе заземат учество на оваа спасителна вежба, со почитување и носење цело време заштитна маска, со дезинфекциони средства и секако со држење нели на растојание.

 

Вие се уште функционирате како волонтерска служба, вашата тенденција е да станете официјална спасителна служба која би се наоѓала на некој начин или под капата на државата, или под капата на општината. До каде се тие ваши барања?

 

Ние сме официјално здружение за спасување. Се уште сме во преговори и веќе имаме склучено меморандуми за соработка и договори со државните институции, но се надеваме покрај ваквите вежби што повеќе да ги смениме, да ги споиме нашите искуства за да можеме да се вклучуваме при одговор на било каков повик на граѓаните во урбана или рурална средина, да можеме да допринесеме на нивна помош на терен каде што се.

 

 

Колку мина брои моментално службата и дали примате нови волонтери кои сакаат да бидат дел од неа?

 

Моментално сме 15 членови обучени во службата и секако официјално после оваа вежба ќе започнеме со упис на нови волонтери. Секако ги поканувам тука сите заинтересирани љубители на природата, планините, рекреативците, оние кои чувствуваат дека можат на било кој начин да допринесат за развој на службата, за нејзино што подобро унапредување, да се приклучат. За почнуваме некаде околу средината или крајот на ноември, зависно од бројот што ќе бидат пријавени. Таа обука ќе трае околу 4 месеци, каде ќе бидат вклучени целокупна обука со давање на итна помош, прва помош, спасување и извлекување од планина, од карпи, од згради, буквално се што треба да опфаќа еден припадник на спасителната служба „Златоврв“, ќе ги вежбаме сите тие техники, ќе работиме спасување во зимски услови и слично.

 

На Неданоски му посакавме голем успех на вежбата што следува на 31 октомври и да се надеваме дека сето тоа ќе го забележат државните институции и дека ќе ја добијат сета помош која навистина ви е потребна како Спасителна служба.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи