Пендаровски: Ситуацијата е крајно сериозна, ако е потребно ќе ја ангажираме Армијата

 

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


 

По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски истакна дека ситуацијата со коронавирусот во земјава е исклучително сериозна и ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките.

 

Претседателот Пендаровски истакна дека човечките и материјалните ресурси се искористени до самиот максимум, а во отсуство на лек или вакцина, нема друга алтернатива освен граѓаните да ги почитуваат мерките.

 

„Сведоци сме дека ситуацијата не се подобрува. Сведочиме дека и најразвиените земји тешко излегуваат од оваа ситуација без преседан. Не постојат мерки препорачани од СЗО а да не се применуваат кај нас“, порача Пендаровски и нагласи дека сите предлози и добронамерни критики ќе бидат добредојдени.

 

Запрашан зошто повторно не се прогласи вонредна состојба, објасни зошто во моментот не е потребно такво нешто, односно зошто според него вонредна состојба во моментот, како што рече, не врши работа.

 

„Претходно прогласивме вонредна состојба, но сега тоа не е потребно бидејќи сегa имаме функционално Собрание. Претходно тоа се направи за да може Владата, наместо Собрането, да носи закони. Не ни е потребна вонредна состојба за да прогласиме полициски час, едното со другото не е поврзано“, истакна Пендаровски.

 

Тој додаде дека и без вонредна состојба, армијата е ангажирана во некои земји, а истото можеме да го сториме и ние.

 

„Армијата е ангажирана во некои земји. Работат дури и епидемиолошки анкети. Доколку е потребно и јас ќе дозволам ангажирање на војниците, односно армијата да биде логистичка потреба“, истакна Пендаровски.

 

Претседателот на државава очекува ситуацијата да не се користи за политички поени, бидејќи сите сме губитници.

 

„Лично не очекувам оваа ситуација да се користи за добивање политички поени, затоа што не знам како некој може да добива политички поени кога реално сите сме губитници со високите бројки на заразени и починати наши сограѓани кои ги бележиме секој ден“, посочи Пендаровски.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.