ВИДЕО – Прилепчанецот Гарбески: На камен да насадам цвеќе, ќе се фати и ќе порасни

На камен да насадам цвеќе, ќе се фати и ќе порасни. Јас многу ги сакам цвеќињата, но и тиие ме сакаат мене, љубовта е обострана. Вака ја започнува својатат приказна пензионерот Кирил Гарбески од Прилеп кој повеќе од 5 децении активно одгледува цвеќиња. Првото цвеќе го садил на свои 7 години и тогаш се родила љубовта кон овие растенија, која трае се до денес.

 

 

„Кога ќе станам наутро, со утринското кафе, кога е летен период, топло времето, го пијам кафе и во нив гледам, кое е, што е, како е, има ли нешто, му фали, ги освежувам со прскање, било да е со хемиски препарат или му додавам прихранување. Тоа прихранување го правам еднаш месечно, ако има вошки ги прскам, но тешко да фатат вошки кај мене затоа што ги пазам, ги гледам“, вели Кирил Гарбески, одгледувач на цвеќиња од Прилеп.

 

По колку часови дневно помиувате со цвеќињата?

 

„Три четири часа сигурно, 2 саати на сабајле, 2 саати попладне“, додава Гарбески.

 

Во моментов дома има околу 60-тина саксии, како дрво на животот, шафлера, бенџамин, фикус, адамови листови кои имаат пречник на листот од 60 цм., висечи сардели, лорберов лист и многу, многу други.

 

„Најстарото е фикусот, 40 години, па дрво на животот исто околу 40, па 25 години, 30 години, 20 години, ова е 15. Покрај овие цвеќиња што ги имам, јас одам од цвеќара купувам собни цвеќиња, за во вазна, за да го имам цветот. Без разлика кое годишно време е без цвеќе не можам и присутно да е во дворот и присутно да е во просторијата каде што живеам“, истакна Гарбески.

 

Средно училиште завршил како тутунски техничар и потоа се обидел да се запише во Белград на хортикултура, но тој период имало одредени превирања во Југославија и не заминал. Но иако не се запишал на факултетот што го сакал продолжил активно да се занимав со хортикулурата. Дел од цвеќињата сега ги купува, но и дел сам ги произведува.

 

„Најубаво ми е дихенбахијата. Она што е горе, тоа ми е најдраго и најубаво цвеќе. Потоа дрво на животот, шафлерата, така ми се егзотични, сакам цвеќе да е жолто-зелено, да има некои нијанси. И ова го сакам ако е зелено, но да има нијанса жолто, бело, зелено. Сам си ги одгледувам, ако земам едно цвеќе да купам, потоа ги размножувам, така да сите се мое производство. Немам ништо купено, тоа одамна имам земено, на пример дрвото на животот сум го зел, сум одлушнал, сум го пресекол и сум го размножил како тие таму што се во дворот“, рече Гарбески.

 

Освен за своја душа, тој и ги продава овие цвеќиња. Сега ги продава дури и оние кои се стари и по 30 или 40 години. Вели дека поради годините му претставува голем товар преместувањето на тешките и големи саксии. Од пролет до есен ги чува во својот двор, а од есен до пролет ги поставува во холот во ООУ „Рампо Левката“ во Прилеп каде тие служат како декорација.

 

„Обично имаше заинтересирано угостители, хотели, кафиќи, но со пандемијата некако слабо се заинтересирани, што го оправдувам. Ги нудам на Фејсбук, на страната купувам-продавам, имам доста продадено на луѓе што се јавиле по телефон, на луѓе од градов, на сограѓани, имам во Кавадарци, Неготино. Преку Фејсбук, контакт телефон, сум продал такви цвеќиња. Ги пуштам по карго, или лично тие доаѓаат да ги земат, зависно од големината на цвеќето. Ги продавам и големите цвеќиња, едно се кабасти, големи, тешки се за мои години јас да ги кревам, а и немам место каде да ги чувам. Се заблагодарувам на училиштето „Рампо Левката“, на директорката и наставничкиот персонал кои ми овозможија 30 години да ги чувам таму во ходникот“, истакна Гарбески.

 

Постојано е во тек со сите трендови и доколку нема некое цвеќе што го посакува, веднаш го купува. Исто така контактира и со цвеќарите и други љубители на цвеќиња со кои разменува искуства.

 

„Баш некни купив едно цвеќе од цвеќара, сакам да го имам, тоа е цвеќе кое не мрзни, за во дворов. Тие не мрзнат и сакам да ги имам во зимскиот период во дворот, покрај тујата и другото зимзелено. Обично на пролет ги вадам сите тие. Ќе појдам, шо викаат старите да си ги исплакнам очите, да видам различни цветови, камелија имам порачано и ќе ја чекам на пролет да ја земам. Имам моментално горе и орхидеја, тие што се собни цвеќиња што сакаат исклучиво константна температура и не промена на местото. Земја набавувам за прихранување не онаа што е по земјоделските аптеки, туку има еден господин кој произведува земја од црви, која е доста калорична со сите витамини, калциум, магнезиум, така да многу им одговара на цвеќинава. Брзо растат, отпорни се на било штеточини, било лисна вошка, вило нешто друго, поотпорни се во однос на тоа“, кажа Гарбески.

 

Вели дека луѓето сакаат да гледаат цвеќиња, но некако не му се давале пари кога треба иситите да ги купа.

 

„Луѓето сакаат да имаат цвеќиња, но некако финансиски се шкрти кога се зема цвеќе. Ќе земат сега цвеќе од венчињата што се сега митровденчињата, моментално тие се расцветани и тие траат во период од месец до два, цветот овенува, се суши. Тука дава 500 денари, а јас кога ќе му речам 1500-2000 за оваа саксија дрво на животот му е скапо“, додаде Гарбески.

 

Има и една порака за сите оние кои се уште не започнале со одгледување на цвеќиња.

 

„Цвеќето преставува живот, по себе си тргам, ако не одгледува човек цвеќе, мислам дека самиот себе не се сака. Мислам дека човек кој не би гледал цвет, треба да почни да одгледува, затоа што како што расти цвеќето, така и него животот му се продолжува“, потенцираше Гарбески.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи