ВИДЕО – Ѕнда – прилепскиот „Градски мајстор“ и иноватор чија крајна цел е вселената

Создавање на електрична енергија од обичен провев, преку т.н. вентури ефект. Уред што би можело да го има секое домаќинство и во иднина тоа да има бесплатна енергија, дури и кога дува слаб ветар. Ова е последната креација на прилепскиот иноватор Зоран Тодороски или познат кај прилепчани како Ѕнда. Со проектот конкурирал и до Фондот за иновации, но на тој повик бил одбиен. За да може да има комерцијално производство потребни му биле уште средства за доистражување. Ова е само макета. Според неговите пресметки, ако турбината би се произведувала масовно, не би чинела повеќе од 500 евра. Како дополнување на создавањето на енергијата освен ветерот, на оваа турбина може да се постави и сончев панел, кој исто така би произведувал бесплатна енергија.

 

 

„Се состои во тоа што во флуидите во движење од голем пресек кога влегуваат во садови со помал пресек имаат тенденција да ја зголемат брзината на проток за сметка на притисокот. Притисокот во вртењето на турбините не учествува многу, повеќе учествува брзината на ветерот и тука ја искористуваме брзината на пониските ветрови, односно со помала брзина од 4 км да бидат убрзани и искористени. На места надвор од цивилизација каде што нема мрежа, не е исплатливо да се монтира, може да најде примена во викендички и такви работи, па и за напојување на некаква си мерна опрема на планини, на врвови каде што е невозможно да се воспостави струја. Би била ефективна, но потребни се и понатамошни мерења и истражувања, инвестиции, обично оваа работа сам досега ја издржувам и доколку би имал средства наредно би ја развил до фаза што би била исплатлива за секое домаќинство да си ја набави како производ“, истакна Зоран Тодороски – Ѕнда, иноватор.

 

Инаку ова е само една од креациите на Тодороски. Во 2017 е добитник на втората награда на саемот организиран од Интернационалната федерација на иноватори за иновацијата наречена „Неврофон М1“.

 

„Неврофон М1 служи како помагало за глувите лица и се става на глава. Во позавршна фаза би требало да се штелова, со електроди на челото и глувото лице би го користело за слушање. Преку сигналите преку кожата го преведува звукот во електрични сигнали и преку електрицитет преку кожата, мозокот е во состојба на глуво лице со оштетен слух, па и на здравите лица, го разбира како звук, интерпретира во самата глава како звук и би помагало дури и кај потполно оштетени. Да нема ушно тапанче, доколку слушал ги разбира зборовите, звуците, тој ќе ги интерпретира тие сигнали преку кожата“, додаде Тодороски.

 

Модуларната мобилна ЦНЦ машина е исто така интересен пронајдок, со кој годинава не успеал да конкурира на последниот повик од Фондот за иновации, бидејќи за некој ден го пропуштил рокот.

 

„Идејата е мобилно да се залепи на ѕид, фасада, надгробна плоча, фасада од зграда сега се во тренд модерни мермерни, па и алуминиумските фасади би можело да гравира со лепење со вакум и со батерии, се става УСБ-то и се црта, исцртува слика, натпис или нешто слично. Практично ете за надгробни споменици, каде не треба демонтажа па враќање на самото место, заради тие работи досега уметници ги изработуваат некои посебни детали, ова би било производ што секој занаетчија во слична, сродна или каде би си нашол намена да си го употреби“, истакна Тодороски.

 

Работи и на конструкција на роботи.

 

„Ми беше дадено како предлог да изработам, за нареден повик да биде спремно, да се докажам, како робот рекламна табла, што би шетала низ трговските центри, згради и плоштади, низ народот со сензори за да нема судири, а сепак да го рекламира производот и да шета околу зададената локација, со звуци за предупредување, или едноставно со аудио реклами, сигнали светлечки и слично“, вели Тодороски.

 

Ѕнда вели дека во Македонија има голем број иноватори, кои работат на тоа што го сакаат без разлика да се или не поддржани од државата. Во моментов имало многу повеќе поддршка за вакви проекти за разлика од порано, но и иноваторите требало да не се субјективни и да знаат што може да се поддржи. Тој е среќен што може да живее од своите иновации.

 

„Тоа ми беше желба уште од многу мало дете, да кога ќе пораснам да имам можност да се друго да ми биде обезбедено, спечалено, да јас можам да правам иновации. Дојде време со поддршка, благодарен сум им на сите што ме поддржале, да јас тоа го работам и да не треба да чекам 80 години спечалено, туку тоа да ми биде професија. Едноставно мислам дека може да се живее доколку си во добрите, да можеш да се одржуваш организирајќи проекти во иновации, затоа што тоа е и најбрзиот начин да ги оствариме нашите иновации, ако се поддржани да ги изработиме. Доколку штедиме 20 години за една иновација, толку ќе биде“, кажа Тодороски.

 

Како и кај секој иноватор и кај Ѕнда само небото е граница. Токму затоа неговата најголема желба е да отиде во вселената. Дури има и идеја како би го направил тоа. Веќе работи на конструирање на мотор за вселенска станица. Неговата монтажа би му била токму таа карта за горе.

 

„Инерцијален мотор, за кој ги собирам засега деловите, е интересен концпет на движечки погон што не бара гориво, освен струја. Би бил корисен за во вселенска станица, би работел без перки за во безвоздушен простор, би работел без гориво што го исфрла и согорува, едноставно самата струја ја прави во задвижување во сите насоки. Тоа го замислував наменски едноставно како карта за вселенска станица, доколку дојде можност тоа да биде презентирано и им треба. Го тестираат во вселенска станица, мислам дека и паркинг место бесплатно имаш и те носат за уши во вселенска станица. Тоа е крајната цел, инаку е скапо, 300.000 да се монтира“, истакна Тодороски.

 

Ѕнда е само еден од иноваторите кај нас кои заслужуваат многу поголема поддршка од државата. Токму ваквите амбициозни млади луѓе како него се најголемите амбасадори на една земја во светски рамки. На Тодороски му посакавме да ги реализира сите свои идеи и што е можно поскоро да ја оствари својата крајна цел, вселената.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.