ВИДЕО – Степаноски: Наместо во изолација се шетаат низ градот, Крушево е во голема опасност бидејќи тука живее постаро население

Александар Степаноски вработен како возач во Здравствениот дом во Крушево е еден од 100-те крушевчани кои од почетокот на пандемијата до денес заболеа од опасниот вирус Ковид 19. Со корона вирусот се заразил на 16 октомври, а пред неколку дена се вратил на работа. Пред нашата камера ја раскажа голготата која ја преживеал додека се лечел. Потенцираше дека ситуацијата во Ковид 19 е крајно критична и побара сите граѓани сериозно да го сфатат тоа, а особено неговите сограѓани.

 

 

Сакам да напоменам до целокупната македонска јавност дека сериозна е работата и ова не е играчка. Го поминав ковидот тешко, 16 дена со температура, од кои од тие 16 дена 3 дена се борев за кислород, значи немав воздух. Лекувањето беше во домашни услови како и во Здравствениот дом, со поддршка на медицинскиот персонал што е тука во Здравствениот дом, вклучувајќи гии матичните лекари, интернисти и пред се благодарност до директорката бидејќи бев под нејзин надзор“, рече Степаноски.

 

Степаноски е револтиран на како што рече неодговорноста на дел од неговите сограѓани, кои иако имаат заболен член на фамилијата наместо да седат во изолација се шетаат низ градот.

 

Инаку ковидот треба да знаат сите дека не е играчка, дека е страшна работа. Ме револтира, сакам да искажам револт према луѓето кои не ги почитуваат мерките, значи не може родителот да биде позитивен, а синот негов да оди на лов или да се шета по продавници, локали. Така се шири заразата“, додава Степаноски.

 

Незнае како се заразил и затоа апелира граѓаните да носат маски, да не се групираат и да држат дистанца. Вели дека за целото време додека бил болен најмногу што правел е што се молел на Господ.

 

Го поминав тешко, борејќи се 3 дена за воздух, бев во домашни услови. Да ви кажам искрено се молев на Бога и сега се молам за сите да оздрават, пред се фамилијата. Додека бев болен пред се поддршка имав од децата, мислев на нив, мислев на позитивни работи. Препорачувам сите кои се болни мора да се борат и ќе се избори секој. Не смеат да подлегнуваат на болеста, мора да собери секој храброст и сила за да сето ова го истрае, го помине“, истакна Степаноски.

 

Вели дека многу се револтира кога ќе слушне како некои граѓани кажуваат дека вирусот поминува лесно. Особено е загрижен за крушевчани каде вели дека претежно живее постаро население кое спаѓа во ризична група.

 

Значи 16 дена температура да имаш, мислам не е за занемарување, исцрпен, омалксан, немаш воздух, не можеш да се движиш, се заморуваш. Тие се тие симптоми. Но секој различно, има некои кажуваат дека изгубил мирис и вкус и дека има лесна клиничка слика и вика ништо не е ќе помине. Не е тоа така. Конкретно во Крушево каде живее стара популација, овде се сите пензионери, најмногу тие страдаат. Ние гледаме сега и во работава, ако не им помогнеме на старите, ќе изгубиме сите, бидејќи градот живее од пензионери. Градот се финансира од пензионерите, ако ние помладите, вклучувајќи ме и мене во таа средна категорија, ако не се избориме да ги заштитиме, ќе ни наштети на секој поглед ковидот“, додава Степаноски.

 

Степаноски вели дека во декември и јануари може да биде и уште полоша ситуацијата доколку граѓаните не ја сфатат сериозно работата и не започнат со строго почитување на сите препораки и заштитни мерки.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.