ВИДЕО – „Каменот“ – прва премиера на прилепскиот театар откако започна пандемијата

Вечерва во 18 часот во народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ќе се изведе премиерата на претставата „Каменот“, во режија на Кристина Димитрова, а работена по текст Мариус Фон Мајебург. Ова е всушност првата премиера на прилеспкиот тетар оваа година, односно првата премиера откако започна пандемијата на Ковид 19. Актерите и режисерката велат дека ја подготвувале под доста специфични услови, прилагодени според сите протоколи.

 

 

„Мора да се внимава на многу работи, на пример на маската. Моментално можам да кажам дека имавме многу среќа ниикој да не се разболи. Така што беше малку стресно, но и убаво“, вели Кристина Димитрова, режисерка на претставата.

 

„Имаме среќа што оваа претстава нема толку близок контакт и некако имавме среќа да бидеме точно 6 актери на сцената, не смее по протокол да има повеќе. Како што кажа режисерката беше предизвик и се уште е, сега ќе започнат изведбибе“, рече Наташа Ачански, актерка.

 

„Каменот“ е една хроника за семејството Хајзинг која го опфаќа периодот од 1935 до 1993 година. Драмата раскажува дел од германската историја,задржувајќи се на овие шеесет години поминати во семејни тајни, лаги и измами.

 

„Така што е предизвик да се работи еден современ германски текст во Македонија каде што периодите се мешаат, нема некој линеарен развој на настаните“, додаде режисерката Димитрова.

 

„Зборува за лаги кои се пренесуваат од генерација на генерација, насловот е каменот кој што е симбол на лаги, дом, куќа, на отпор“, потенцираше актерката Ачански.

 

Претставата ќе биде одржана со само 40 мина публика поради протоколите. Од прилепскиот театар се надеваат дека до крајот на годината ќе прикажат уште една претстава. Требало да ја работат „Црно семе“, но бидејќи таа е претстава која бара масовност и повеќе актери неможе да се изведе во овој период. За да ги запазат протоколите бараат замена на овој текст со текстот „Мистерија Буфо“ од Дарио Фо, каде ќе има помал број на актери, но засега се уште немаат добиено одговор од Министерството за култура.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи