Како и во други 7 градови во Македонија, така и во Прилеп опозиицијата организираше протест под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“. Протестот се организираше со голем број автомобили кои продефилираа низ главните улици во Прилеп. Пред присутните се обратии новиот претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Дејан Проданоски.
Изјавата на Проданоски ја пренесуваме во целост.
„Сервилната и предавничка политика на власта ја доведе Република Македонија и македонскиот народ пред тешки моменти, пред бришење. Малку им беше продажбата на името со Грција, па сега тргуваат со најсветото, особено за нас прилепчани, а тоа се коските на борците од Народноослободителната борба. Се тргува со илјадници знајни и незнајни херои кои својот живот го положиле во борбата против бугарскиот фашистички окупатор и продонеле за слободата на Македонија.
Еве денеска прашувам оттука, каква е таа администрација која брутално и крвнички погубила 18 мина во масакрот кај Дабница? Од кого биле убиени народните херои Орде Чопела, Кире Гаврилоски, Борка Талески, Мирче Ацев, Кузман Јосифоски Питу и другите 65- жртви колку што дал Прилеп во НОБ? Дали според нив загинале залудно борејќи се за своја држава?
За жал за власта ништо не е свето. Таа гази врз се. Затоа заедно, сплотени да им кажеме доста е. Доста е со распродажба на нашиот идентитет, јазик, култура, традиција.
Како политичка партија која својата идеологија ја темели на вековната борба за слобода, нема да дозволиме Прилеп да биде понижен.
Прилеп е град херој и таков ќе остане – бранител на светите идеали за свои на своето.
Го повикуваме секој добронамерник да не поддржи, да го крене својот глас. Сега не е време за партиски препукувања и поделби. Сега е време за сплотеност, да се избориме заедно оваа власт да замине“, истакна Проданоски.