ВИДЕО – Станкоски: Просечната откупна цена во ТКП е 171 денар, лага е дека тутунот се откупува по 120 денари, зад тоа се крие политика

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Сите тутунопроизводители знаат дека се работи за реколта со послаб квалитет од минатата година, затоа што имавме многу лоша пролет кога се расадуваше тутунот на нивите и 20-30% од тој тутун не успеа да се прифати на нивите. Истакна на денешната прес конфереција директорот на Тутунски Комбинат Прилеп, Кире Станкоски. Според него во изминативе речиси две недели Тутунски комбинат има откупено речиси 80 тона по просечна цена од 171.22 денари. Не биле вистина информациите дека тутунот се откупува по цена од 100 до 120 денари за килограм.

 

 

„Сите тутунопроизводители знаат дека се работи за реколта со послаб квалитет од минатата година, затоа што имавме многу лоша пролет кога се расадуваше тутунот на нивите и 20-30% од тој тутун не успеа да се прифати на нивите. Имавме страшно сушен летен период, а потоа во август месец имавме огромни врнежи и топло време каде што тутунот нагло прерасна. Сетоа тоа влијаеше да добиеме квалитет на тутун со некој послаб квалитет од минатата година. Она што кај нас доаѓа при овој откуп од оваа година реално се цени и реално маката на тутунопроизводителите се проценува и нивните финансиски средства како што ветивме и како што правиме минатите години од денеска предаден тутун, наредниот ден ги имаат финансиските средства на своите сметки.

 

Еве сега како стојат работите документирано. Тутунски комбинат денеска има откупено, до 11 часот 6.165 килограми по просечна цена од 193.33 денари. Додека во изминативе речиси две недели Тутунски комбинат има откупено речиси 80 тона по просечна цена од 171.22 денари. Од состанокот кој го имавме во петокот кај министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје, од страна на директорот на Државниот земјоделски инспекторат беше изнесено дека до тогашниот ден, до петокот просечната откупна цена се движи околу 165 денари. Сите овие инсинуации, па би рекол и лаги кои се изнесуваат минатиот викенд не се точни дека тутунот се откупува по мизерни 120-135 денари. Како што претходно кажав, бидејќи се работи за реколта со послаб квалитет од минатата година, она што доаѓа на нашите ваги реално се цени, се надевам дека и другите компании тоа го прават.

 

Се надевам дека релаксирано се остават тутунопроизводителите, бидејќи сега и временските услови тоа го дозволуваат, да го спремат својот род и да го предадат во откупните компании, оваа цена дополнително просечно ќе расте и се надевам дека сите на крајот ќе бидеме задоволни. Просечната откупна цена ние рачунаме дека ќе достигне просечна цена на обострано задоволство на сите. Нашите заклучоци во овие неполни 2 недели на откуп кажуваат дека се работи за носење на тутун претежно на средни и ниски берби, затоа овој квалитет и оваа просечна цена се движи околу 170-172 денари“, рече Станкоски.

 

Според Станкоски требало да се разбере дека пазарната економија и функционира на понуда и побарувачка. Тутунската индустрија во моментов била во загуба од 20 до 30% поради Ковид кризата.

 

„Еднаш засекогаш треба да се знае дека е ова пазарна економија и функционира на понуда и побарувачка. Доблест е да ви изнесам еден факт, дека секој бизнис, не само во нашава држава туку во цел свет, во моменталната пандемија си има одредени негативни финансиски резултати. Оваа индустрија, знаете и сами овој тутун кој ние го откупуваме завршува во финален производ, цигарите. Бидејќи туризмот го нема, бидејќи нашите гастербајтери ги нема, бидејќи транзитот на туристи го нема, бидејќи нема социјален живот оваа индустрија е во некој си 20-30% падната, што значи треба ние да се загрижиме, но и државата и тутунопроизводителите. Затоа треба многу внимателно, ние правиме договори со нашите кооперанти врз база на претходни договори, каде што нашиов тутун можеме да го продадеме. Ако ние купиме тутун со низок квалитет, бидејќи е пазарна економија и не можеме тој тутун да го пласираме што сме направиле? Ја доведуваме до ризик нашата егзистенција. Затоа јас некни имав излагање кога бевме кај министерот, дека секогаш оваа индустрија треба да се гради врз меѓусебни добри, пријателски, кооперантски односи, односно ние добро знаеме во Прилеп како се вика, мунасип да си најдеме меѓу нас и да биде сето тоа во обостран интерес“, додаде Станкоски.

 

Токму поради сето ова Станкоски смета дека зад протестите и тврдењата на одредени протестанти имало политика.

 

„Целта на моето денешно излагање со документи пред вас е да докажам дека она што го слушаме изминативе денови не е точно, не се работи за 120-135 денари, цената допрва ќе си оди таму каде што треба според квалитетот. Секој притисок правење на странска компанија, знаете секој сопственик може да ја прокоментира. Пазарна економија, реално проценување, вреднување на трудот и сета работа ќе биде завршена. Ова што го слушам изминативе денови со пласирање на лажни цени на одредени протестанти само ни кажува на фактот дека не се работи од нивна страна за реалност, туку се работи за политика и ништо друго“, рече Станкоски.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи