Захариева го спореди Тито со бугарскиот сојузник во Втора светска војна – Адолф Хитлер

Facebook
Twitter
Email
Print

 

Во интервју за германски „Велт“, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева го спореди поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито со нацистичкиот германски канцелар Адолф Хитлер.

 

„Тие беа многу брутални кон мене кога се осмелив да го искажам моето незадоволство од прославата на 40-годишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. Тој уби 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија за помалку од десет години. И тие сè уште го слават. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. И по таа изјава, јас веќе не бев популарна таму. Но, тоа би било исто како градоначалникот на Берлин да добие идеја да прославува годишнина на смртта на Хитлер“, кажа Захариева во денешното интервју.

 

Захариева не заборави исто така да ја обвини Македонија дека ја политизира работата на Мешовитата историска комисија, ги блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата и дека лаже дека Бугарија ѝ ги негира идентитетот и јазикот.

 

„Најтешка тема се неточните обвинувања што се слушаат подолго време дека им го негираме правото на самоопределување на Македонците. Или правото да го нарекуваат својот јазик како што сакаат. Но, земјите не признаваат јазици или нации, туку само други држави“, контрадикторно рече Захариева.

 

Инаку во Македонија немаше никакво одбележување за 40-годишнината од смртта на Тито. А од каде Захариева дошла до бројката од 1,7 милиони убиени луѓе во поранешна Југославија за помалку од десет години не е познато.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи